Црвенковски со силна поддршка за дестабилизацијата на Македонија

Поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, силно го поддржува вонинституционалното дејствување на СДСМ, неприфаќањето на 34-те пратенички мандати и бојкотот на парламентот.

Тој вели дека „Отпорот“ пропаднал, не поради притисок од странците, кој постоел, и кој за него не бил пресуден, „туку заради внатрепартиско неединство“.

„За тоа не обвинив никого и целата одговорност ја презедов лично. Со тоа сакав да го ослободам новото раководство од каква било хипотека и да им овозможам промоција на новата политика на ‘конструктивност’ и ‘институционална битка’ против власта на Груевски“, вели Црвенковски во интервју за „Дојче Веле“.

„Одлуката да не се признаат изборите и да се бојкотира парламентот, не е спорна и целосно ја подржувам. Но, со таа одлука се прогласи и пораз на концептот на конструктивност промовиран лани од СДСМ и се случи враќање на позициите на кои се наоѓавме пред прекинувањето на отпорот. Такви радикални промени на стратегијата на дејствување не можат да поминат без тектонски потреси во која било партија. И тука не се работи за некаква мала група на незадоволници како што се пласира во јавноста, туку за посериозен проблем, со кој треба да се соочиме и да бараме решение, а не да го релативизираме со етикетирање и дискредитирање“, изјавува поранешниот лидер на опозицијата.

bc_ul

Тој додава дека СДСМ денес се наоѓа во сериозна криза.

„Во изминатава година намерно се повлеков од јавноста, бидејќи не сакав на било каков начин да пречам во реализацијата на концептот на новото раководство на СДСМ. Тој концепт претставуваше дисконтинуитет на политиките за кои јас се залагав по ’црниот понеделник’: продолжување на отпорот, делигитимирање на институциите со нивно напуштање и бојкот на локалните избори. Во исправноста на моите намери не успеав да ги убедам сите битни играчи во партијата, меѓу кои и двоецот што денес ја води партијата, Шеќеринска-Заев“, додава тој.

На прашање дали целосно ја поддржувате одлуката за непризнавање на изборите и за враќање на мандатите, Црвековски вели:

„И повеќе од тоа. Сметам дека опозицијата не требаше, а ни во иднина не треба да учествува на избори под вакви услови, организирани од ваква власт. Овој тоталитарен режим мора да се делегитимира целосно, а не со наше учество во институциите и на однапред режирани избори да станеме соучесници во создавањето привид за некаква ’нормалност’ и ’каква –таква’ демократија. Беше голема грешка и опозициската поддршка на измените на Изборниот законик, кога си имаме работа со власт која не почитува ни Устав ни закон и ги крши кога сака и како сака. Политичка наивност е да се мисли дека за такви прекршувања може да се покрене постапка пред вакво партизирано обвинителство и да се очекува судска разрешница пред вакво партиско диригирано судство. Македонија одамна не е ни демократска, ни правна држава. И уште нешто. Треба да заборавиме на илузиите дека некој однадвор ќе ни ги реши проблемите, а такви илузии во изминатата година често се подгреваа. Слободата се освојува, не се подарува. Или сме подготвени да се бориме за неа или ќе трпиме со наведнати глави“, одговара Црвенковски.