Црвенковски: Земјата го промени и името, а процесот за интеграција во ЕУ е речиси запрен

Бранко Црвенковски, поранешниот претседател на Македонија, зборуваше на вчерашниот форум за Западен Балкан, кој се одржуваше во Сараево. Потсети дека секоја земја од Западен Балкан има поставено стратешка цел – членство во Европската унија, пренесува „Кликс.ба“

Зборувајќи за искуството на Македонија на тој пат, Црвенковски посочи дека земјата веќе 12 години не може да направи ниту еден чекор напред и потсети на барањата на Грција, Франција и на Бугарија, кои, како што рече, немаат никаква врска со пропишаните критериуми од страна на Европската комисија потребни за започнување на преговорите.

Потсети дека земјата дури го промени и името, но рече дека процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ е „забавен, да не кажам – запрен“. Затоа, тој се прашува кои се намерите на европските земји и посочи дека некои земји го блокираат пристапот на нови членки.

-Што ако сме принудени, не по своја волја, да бараме алтернативи. Да не бидам погрешно разбран, како алтернатива не ги сфаќам ниту Истокот ниту Далечниот исток, рече Црвенковски, објаснувајќи дека земјите од регионот треба да „се европеизираат со свои капацитети“.