
Повеќе од јасно е дека српската политика кон Македонија е оптоварена со недоследности, за што доволно е кусо потсетување на непризнавањето на МПЦ (макар што спорот се води под црковен плашт) или неможноста годишнините од Заседанието на АСНОМ да се прославуваат таму каде што беше одржано и каде што околу половина век се прославуваше. Меѓутоа, тоа воопшто не ја ослободува од одговорност сегашната власт, која со непромислени одлуки и додворувачки однос кон „меѓународната заедница“ мисли (ако воопшто нешто мисли) дека Македонија ќе ја внесе во евроатлантските структури, кои ниту се нужни, ниту, сами по себе, носат добробит, смета професорот Љубомир Цуцуловски, кој во одбрана на својата теза во текстот „Бумеранг“, објавен на неговата Фејсбук страница, набројува по хронолошки ред четири одлуки / потези / намери на македонската влада.
(1) На 7 јануари беше објавена Албанската платформа, изготвена во туѓа држава и со помош на туѓ премиер. Во Платформата, помеѓу другото, ултимативно се бара албанскиот јаик да биде втор официјален јазик на целата територија на Р.М. Сега, ова барење се проширува: се бара албанскиот јазик да биде еднаков со македонскиот и во дипломатската комуниација на Р.М. Второто вознемирувачко барање (макар што ги има повеќе) беше да се признае геноцид извршен врз Албанците на теририторијата на Р.М. во периодот 1912-1956, макар што до 1944/45. Република Македонија не постоеше, и беше дел од друга држава – СХС. Како и да е, ако имало геноцид, тогаш има/ло и извршители. Најчесто, како извршители се спомнуваат Србите и српската политика, како што, исто така, со децении наназад беше осудувана за геноцидно однесување во Косово, каде (за чудо големо!?) бројот на неалбанското население се намалуваше, додека албанската популација се зголемуваше.
.
(2) После Платформата, следеше 27 април, кога се изврши уставен и законски упад во преземањето на власта (за овој чин опозицијата и натаму молчи!) после кој следеше упад на граѓаните во Собранието. Меѓу оние кои насилно влегоа беше регистриран и еден службеник (според сè, обавештаец) од Амбасадата на Србија, гест кој е за секоја осуда, како што за секоја осуда беше, и сè уште е, упадот што некои други странски амбасадори секојдневно го прават, без каков било пардон, на територијата на Р.М. Првиот настан се осудува, за втората практика се молчи.
(3) Беше склучен Договор за добросодески односи со Бугарија, во кој Р.М. се става во подредена улога; односно, според Договорот, на Бугарија ѝ следат сите права, на Македонија сите обврски.
(4) Се најавува можност за отворање на бегалски кампови, меѓутоа и вработувања, вдомувања, како и добивања државјанства за дел од бегалците, бидејќи слична програма била предвидена од претходната Влада. Нека е и така! Но, значи ли тоа дека, ако претходната Влада предвидувала уништување на Р.М., треба да се продолжи во таа насока – уништување на Р.М.?
Резултатот од претходните одлуки/потези/намери се поразувачки. (А) Албанската платформа, наместо да ја зголеми меѓуетничката доверба, доведе до обратното, од една страна и, од друга, до заладување со Србија, кое деновиве преминува во своевиден прекин на дипломатските односи. (Б) Со насилното преземање на власта, како и невкусното мешање на странските амбасади во политиката на Р.М., наместо да се зголеми симпатијата кон евро-атлантските структури, недовербата и револтот кон нив се зголеми. (В) Договорот со Бугарија доведе до недоверба кон бугарската држава и, донекаде, кон бугарскиот народ. Наместо чекор напред, се отиде неколку чекори назад. (Г) Заладувањето на односите со Србија може да доведе до уште една несакана ситуација: ако дојде до поголем бран бегалци, Србија може лесно да ја затвори границата кон Македонија. Во тој случај, каде ќе одат влезените бегалци: во Бугарија, Албанија, Косово, Грција или ќе станат трајни гости во Македонија?
Ова се некои можни резултати од мудријашката политика на Владата, која изумува дека секое додворување (макар било и кон Запад) предизвикува преѕир кај оние на кои им се додворувате, и револт кај сопствениот народ/граѓани. Накусо, едно се намерите, друго се резултатите, особено ако се работи за политика на политички аналфабети. Притоа, еден аналфетабизам не оправдува друг аналфетабизам.