Цуцуловски до Иванов: Не го давај мандатот ниту на Заев, ниту на било кој друг

Мандатот за формирање на Влада да не се дава ниту на Зоран Заев, ниту на било кој друг, апелира универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски сметајќи дека повторното давање на мандат ќе биде противуставно и ќе предизвика конечен раскол меѓу граѓаните.

„Апелирам до Ѓорѓе Иванов, како кон мој пријател и колега, мандатот за формирање на нова Влада да не го даде ниту за Зоран Заев, ниту на било кој друг, затоа што: А) Според Уставот на Република Македонија не е предвидено давање на мандатот по втор пат Б) Давањето на мандат, сеедно кому ќе биде даден и програмските определби на партијата/партиите кои ќе треба да ја состават новата Влада, не само што е антиуставно, туку директно ќе ги турне нејзините граѓани кон конечен меѓусебен раскол, со можна воена разврска. На тој начин, Република Македонија никогаш нема повторно да доживее воена разврска. На тој начин, Република Македонија никогаш нема повторно да доживее мирен живот, достоен за секое човечко суштество. Оттука, како единствено решение од сегашнава ситуација е распишување нови избори, бидејќи било кои избори се подобро решение од кршењето на Уставот и конечно разнебитување на Република Македонија, кое е мотивирано единствено за задоволување на нечии туѓи интереси“, напиша професорот Цуцуловски на Фејсбук.

Тој вели овој апел до Иванов го испраќа бидејќи Република Македонија е на раб од бездна, од која ќе нема враќање.