ЦУК: Поради снег и ветер, непрооден е патот кон Танушевци, Брест и Малино

Во Центарот за управување со кризи според последниот извештај имало вкупно 1 722 повика на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112.

-Од нив „реални“ повици биле 60,63 отсто, а 39,37 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 42,42 отсто, кон итната медицинска помош 23,65 проценти, а кон пожарникарите 2,06 отсто од реалните повици кон 112, се наведува во соопштението.

ЦУК информира дека во последното деноноќие немало пожари на отворен простор, туку само пожари во населени места и сите се изгаснати, а пожарникарите помагале при расчистување патишта од паднати дрвја и гранки и извлекување возила од снег и од вода на и покрај патиштата во содејство, координирано, со екипи на другите дежурни екипи од институциите, службите и јавните претпријатија од Системот за управување со кризи (СУК).

Во соопштението се наведува дека во селата Танушевци, Брест и Малино има снег и ветер и патот е непрооден.

– Регионалниот ЦУК Скопје известува дека од лицето за контакт од ЕЛС Чучер Сандево добиена е информација дека патот до село Бродец е прооден, додека кон селата Танушевци, Брест и Малино има снег и ветер и патот е непрооден. Известени се ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, од каде добиле информација дека екипите се на терен и работеле на расчистување. Со расчистување на овој патен правец ќе се продолжи во текот на денешниот ден, се наведува во соопштението.