Извршниот директор на Фејсбук Марк Цукерберг сепак ќе сведочи пред Конгресот на САД за тоа како податоците на милион корисници завршиле во сопственост на британската компанија Кембриџ Аналитика, објави Си-ен-ен.
Првиот човек на најголемата социјална мрежа во светот подготвува стратегија за сведочење, велат извори од Фејсбук.
Притисокот од правниците, медиумите и јавноста стана преголем за Цукерберг лично, пред судот да не го изнесе своето мислење за аферата што ја тресе најпознатата социјална мрежа. Извори од Фејсбук веруваат дека Цукерберг одлучил да сведочи, со цел да го префрли притисок на извршните директори на Гугл и Твитер, Сундар Пичаи и Џек Дорси, за и тие да сведочат.
Претседателот на правосудниот комитет на Сенатот Чак Грасли, официјално ги покани Цукерберг, Пичаи и Дорси на сослушувањето за приватноста на податоците закажано за 10 април. Ова значи дека големата тројка сепак ќе биде сослушана во Вашингтон, а не во Лондон, како што првично беше одлучено.
Цукерберг денеска го одби барањето на британските пратеници да одговори на прашања за заштитата на приватноста и пред Одборот за дигитални медиуми, култура и спорт на британскиот Парламент (ДЦМС) ги испрати својот директор за технологија Мајк Шропфера и директор за производи Крис Кокс.
Пред британските пратеници се појави хакерот Кристофер Вајли, кој ја откри најголемата кражба на податоци во историјата на Фејсбук. По откривањето на скандалот во кој се украдени 50 милиони корисници на Фејсбук, информаторот Вајли во вторникот се сретна со ДЦМС.
Во сведочењето кое траело речиси три и пол часа, Вајли одговарал на прашања од членовите на Одборот за своите сознанија во врска со користењето на податоците на Фејсбук, поврзаноста на Кембриџ Аналитика со други компании, целиот процес на добивање податоци, изработка на алатки, но исто така и неговата улога во целата афера.
Вајли работел за Кембриџ Аналитика која користела украдени информации за да влијае на резултатите од изборот. Британските власти соопштија дека ќе започнат истрага за можното влијание на кампањата за Брегзит.
Фејсбук во британскиот и американскиот печат објави оглас на цела страница на која се извинува на корисниците и изрази жал, а Цукерберг вети посилни чекори за да се ограничи пристапот до информациите од страна на трета страна.
Скандалот со Кембриџ Аналитика ја погоди оваа социјална мрежа од двете страни на Атлантикот. Вредноста на акциите на Фејсбук падна на берзата, а загубата е поголема од 50 милијарди долари. Фејсбук имал повеќе од две милијарди корисници, и пред скандалот на берзата вредел повеќе од 500 милијарди долари.