Цукерберг на испитување во Европскиот парламент поради „Кембриџ Аналитикс“

Извршниот директор на Фејсбук, Марк Цукерберг денеска ќе одговора на прашањата на пратениците на Европскиот парламент поради аферата „Кембриџ Аналитикс“ во која беа злоупотребени личните податоци на 87  милиони корисници на оваа социјална мрежа, меѓу кои и на околу 2,7 милиони граѓани на ЕУ.

Претходно Цукерберг беше на испитување во Когресот на САД каде оговараше на прашањата на делегатите. Директорот на Фејсбук „ се провлече“ иако на моменти прилично се „испоти“ на дводневното испитување минатиот месец. Факт е дека ниту САД, но и остатокот од светот се уште не добија одговор на многу важни прашања кои се однесуваат на прашањето кој се смее да ги гледа и да ги користи податоците на корисниците на Фејсбук.

Она што на Цукерберг, кој добро се подготвил и вешто избегнувал некои скокотливи прашања, му одело во прилог е и фактот дека многу сенатори и членови на Претставничкиот дом очигледно не се запознаени со тоа како функционираат социјалните мрежи ,па дури ни самиот интернет.

Во делови од говорот кој денеска ќе го има Цукерберг се очекува да го наведе признанието дека Фејсбук не направил доволно во борбата против лажни вести и оти не успеал да спречи некои алатки на мрежата да бидат злоупотребени и да „нанесат штета”.

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани на Твитер објави дека Цукерберг се согласил неговиот разговор со избраните пратениците во европарламентот да биде емитуван во живо на интернет.

Средбата, која ќе трае еден час и 15 минути, ќе започне денес во 18:15 часот според Централно европско време.

– Ние се радуваме на состанокот и среќни сме што истиот ќе биде стримуван во живо, соопштија од Фејсбук.