„Мета платформи“ ќе почнат да отпуштаат вработени од денеска наутро, им рекол вчера извршниот директор Марк Цукерберг на стотици директори на компанијата, пренесува Волстрит журнал.
Според њујоршкиот весник, се очекува да бидат отпуштени илјадници вработени, што ќе биде најголемото отпуштање во технолошкиот сектор оваа година.
Весникот додава, повикувајќи се на извори, дека Цукерберг се појавил вознемирен на состанокот и рекол дека е одговорен за погрешните чекори на компанијата.
Тој исто така изјавил дека неговиот преголем оптимизам во однос на растот довел до прекумерен број вработени, пренесува Ројтерс.
Менаџерот за човечки ресурси на Мета, Лори Голер, рече дека вработените кои ќе останат без работа и ќе добијат најмалку четири месеци отпремнина.
Според податоците на Мета, компанијата на крајот на септември имала повеќе од 87.000 вработени.