Цветин со нова кандидатура за Нобелова награда за мир

Македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин, повторно, е номиниран за Нобеловата награда за мир. На апликацијата за номинација за Нобеловата награда се потпишаа повеќе истакнати македонски дејци –академици, универзитетски професори, пратеници, институции.  Ова е резултат на четиридеценискиот ангажман на Цветин во промоција на мирот, хуманоста и солидарноста кај нас и во светот. Во својот творечки опус, Поповски Цветин добил многубројни поддршки од нашата Мајка Тереза, германскиот државник и политичар Вили Брант, седмиот Генерален секретар на Обединетите нации, Кофи Анан, ирскиот поет Шејмас Хини, шведскиот нобеловец Томас Транстремер и бројни светски познати поети, музичари, писатели, уметници, хуманисти, екологисти.

„Верувам дека овој пат Нобеловиот комитет ќе застане зад вистинските вредности на поединците од кои треба да тргнува мирот. Не да се избираат политичари кои се должни и се платени да се залагаат за мир. 40 години континуирано и исклучително сум посветен на мисијата на мирот со цвеќето и верувам дека со моите изложби и пораки за мир ја заслужувам Нобеловата награда за мир“, вели Поповски – Цветин.

Во својата долгогодишна кариера, Цветин во 1985 година подарува 160 слики на 160 членки на Обединетите нации, изложува на Универзијадата за најуспешните спортисти во Загреб, потоа на деветтиот Самит на неврзаните земји во Белград, на прославата на 45- годишнината на ОН во Њујорк. Цветин изложувал и подарувал свои дела и на меѓународната конференција за хуманитарно право организирана од ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, потоа учествувал со бројни изложби во Декадата на културата на Мирот на УНЕСКО (2000 до 2010), изложувал во најмалиот етно музеј во Џепчиште по повод 67 години од ОН со 67 минијатурни слики. Во 2015 година, Цветин слика за Гинисовата книги на рекорди од 1001 метар. Во 1986 година, по повод 40 години УНИЦЕФ подарил 40 слики за Центарот на здравјето на детето во Варшава. Континуирано, секоја година, на 21 септември, по повод Денот на мирот, праќа порака за мир на разни настани и манифестации.

Подарил 360 слики на три изданија на Избор на МИС во светот, а негови слики се продавани и на аукција при што сoбраните пари се донирани за гладните деца во Африка, за настраданите лица во Мексико, за настрадани од земјотреси во Хаити, Турција од поплави и друго. Тој постојано праќа пораки за мир и апел против употребата на нуклеарното оружје во воени цели.

Минатата година на 11 декември, Денот на УНИЦЕФ (77 години) и денот на Човековите права (25 години), организира изложба во Кинотека на Македонија посетена од многу ученици од основни и средни училишта и деца со посебни потреби, на кои доделува Цветинови награди за мир. „Од оваа изложба испративме 193 слики за сите членки на Обединетите нации, на Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и на претседавачот на ОН со една порака: „Цвеќето во човекот не го сака ветерот на војната, јас не измислувам нови цветови, само ги пресликувам цветовите во луѓето што ги сакаат слободата и мирот“.

„Мои слики се подарувани во Хирошима и Нагасаки и во други градови во Јапонија, Шведска, Полска, Германија, Романија, Италија. На последната акција на почетокот на годинава, насловена како три дена организирав изложба на отворено Цвеќе на мирот на кои учествуваа добитници на мои слики и заедно со мене, испративме пораки за мир во светот“, вели Живко Поповски – Цветин.