Цветковски: Лозово е нашиот заеднички дом, ама не вакво како што е денес!

Кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од општина Лозово, Бошко Цветковски преку социјалните мрежи ги повикува граѓаните заедно на 17 октомври да ги почнат промените и да означат крај на омразата, на поделбите, на нетрпеливоста, на политиката на локалното шерифување на поединци

Го пренесуваме неговиот статус на Фејсбук.

„Ми претставува особена чест и задоволство, официјално да ви ја соопштам мојата кандидатура за Градоначалник на Општина Лозово за престојните Локални Избори.

Голема благодарност до Највисоките партиски тела и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, г-дин Христијан Мицкоски за укажаната доверба, но исто така би сакал јавно да им се заблагодарам и на сите сопартијци, симпатизери и сите граѓани за поддршката која ја добивав од нив во целиот изминат период.

Како човек, кој досегашниот животен век го поминал во општина Лозово, ја знам душата на секое населено место. Ги познавам секојдневните маки и проблеми со кои се соочуваат граѓаните, бидејќи тоа се и мои маки и проблеми.

Лозово е нашиот заеднички дом, ама не вакво како што е денес!

Какво е тоа Лозово во кое секојдневно младите заминуваат, а селата се празнат, со населени места кои во 21 век немаат здрава и чиста вода за пиење, со пад на електричниот напон при секоја промена на временските услови, села кои сеуште се со септички јами, неисчистени патишта во зимскиот период, депонии на секој чекор, се поголем број на граѓани и семејства кои живеат под прагот на сиромаштија или се наоѓаат во положба на социјален ризик, земјоделци кои мака мачат како да го продадат она што го произвеле и едвај врзуваат крај со крај, нефункционални месни заедници, маргинална улога на младите, затворена и заробена општина, општина во која секојдневно административни службеници излегуваат пред Телевизиски камери за јавно да побараат од институците да превземат конкретни дејствија кои би ја запреле голготата која секојдневно ја доживуваат од Локалните шерифи!!!

Затоа од денес јас и мојот тим превземаме голема обврска и сиот наш интегритет, интелектуален капацитет, секој атом од нашата сила и енергија ќе го вложиме во конечна победа над сите пречки што се исправиле на патот на прогресот на нашата општина!

Токму затоа, наши основни приоритети ќе бидат :

✅Стоп за регионалната ФАБРИКА ЗА УНИШТУВАЊЕ НА МРШИ,

✅Градиме инфраструктура за сите населени места подеднакво,

✅Лозово да биде чиста животна средина,

✅Локален економски развој,

✅Повеќе пари кај граѓаните,

✅Еднакви можности за сите,

✅Општина на социјална сигурност – повеќе пари за социјални трансфери,

✅Квалитетно образование за сите,

✅Квалитетни и оддржливи комунални услуги,

✅Младите во фокусот на локалните политики,

✅Транспарентна, отчетна, услужна, правична, отворена општина за сите граѓани!

Затоа Ве повикувам сите заедно на 17 Октомври да ги почнеме промените и да означиме крај на омразата, на поделбите, на нетрпеливоста, на политиката на локалното шерифување на поединци!

Ако си еден од тие кои ги потценија, ако ти направија неправди, ако пробаа да те излажат, ако мислат дека може да те поседуваат, тогаш секој од вас знае што е одговорот!

И знам дека ќе ја добиеме оваа битка, сите заедно, рамо до рамо, сложно,на 17-ти Октомври, овде во нашето заедничко Лозово, ќе го славиме новиот почеток и промените за подобар живот за сите нас!“