Цветните леи се разубавуваат со есенски расад. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве засадуваат есенски цветен расад од видот темјанушка (виола), лаванда, украсна зелка и хризантема во цветните леи на повеќе локации во градот.
Акцијата за засадување есенски цвеќиња на јавните зелени површини ќе продолжи и во наредните денови.
Во центарот на градот заменет е летниот со есенски расад од видот темјанушка (виола) во жолта и бела боја во цветната топка на булеварот ВМРО. Со цвеќиња се уредени и цветните леи во форма на триаголник на булеварот Гоце Делчев.
Со есенски расад се разубавени и жардиниерите во форма на коцка на кејот на Вардар.
Пред зградата на Собранието на Република Македонија во цветната леа во форма на знаме е засаден цветен расад виола, во црвена и жолта боја. На булеварот Свети Климент Охридски се засадени околу 1.300 парчиња од видот виола во жолта и во виолетова боја, како и 600 парчиња од видот украсна зелка.
Во вториот дел од паркот „Македонија“, што се протега по должината на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов уредена е цветна леа со околу 180 парчиња од видот хризантема, а засаден е и есенски расад од видот лаванда.
Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве го косат булеварското и блоковското зеленило, ги кројат дрвјата и грмушките и ги собираат паднатите лисја и отпадоците од јавните зелени површини.