Д-р Цана: Ковид болницата во Тетово била жариште, роднини на пациенти влегувале и излегувале

Доктор Фадил Цана, специјалист инфектолог на Клиниката за инфективни и фебрилни болести во емисијата 24 анализа, во врска со вчерашната трагедија во Тетово, истакна дека како лекар смета дека за оваа трагедија треба да се сноси одговорност.

-Сметам дека било кој, не само министерот, да беше во таа позиција и во било која држава, морално би требало да се сноси одговорност и да им се отвори пат на органите за истрага. Морална е обврската да се даде оставка, а пред тоа би требало прво што е до негова надлежност, сите одговорни во раководењето на тетовската болница да бидат разрешени. Шокантно е да се дознае дека во тој ковид центар имало и роднини на пациенти. Тие внатре влегувале и излегувале кога сакале и тој ковид центар не служел само за лекување туку тоа било жариште за проширување на инфекцијата, кажа Цана.