![Драган Даниловски](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/Dragan-Danilovski.jpg?resize=696%2C386&ssl=1)
Професорот Драган Даниловски во разговор за „Фактор“ вели дека делта варијантата не ја одминува ниту нашава земја, но засега остануваме безбедна земја. Тој потенцира дека есенскиот бран ќе зависи од неколку фактори, како и дека потребно е децата да се вратат во училниците.
– Очигледно е дека веќе летово ќе почне полека да расте бројот на случаите, но ако успешно се неутрализираат жариштата, идентификација и изолација на сите нивни контакти, нема да има нивно разгорување – вели професорот.
Што се однесува пак, до евентуален есенски бран на корона вирусот, проф. Даниловски вели дека интензитетот на тоа што се предвидува за од септември натаму, зависи од неколку работи.
– Секому е јасно дека, штом сме дел од еден затворен систем на врзани садови, неизбежно е и кај нас да се прелее новиот сој. Формата на есенскиот бран зависи од успешноста на сопирање на влезот на инфицирани поединци од странство преку барање негативен ПЦР тест за секој патник, локализирање на настанатите жаришта на локално ниво и достигнатиот праг на колективен имунитет до настапување на есента – објаснува епидемиологот.
За да се минимизира ризикот од епидемиско ширење, потребен е праг од 80-85 проценти на колективен имунитет. Во моментов, се проценува дека, врз основа на прележување и вакцинирање, тој се движи некаде околу 70 проценти или околу 1,2 милиони (во однос на вкупно население од 1,8 милиони, според евиденцијата на ФЗО). Тоа ниво на колективен имунитет очигледно беше доволно да го потисне алфа сојот („британецот“), но за делта сојот потребно е ниво од околу близу 85 проценти (1,5 милиони).
– Делта варијантата се шири меѓу невакцинираните и вакцинираните само со една доза – во преку 99 проценти од случаите, според искуството во Велика Британија, САД и други земји. Тоа се претежно луѓе од помладите генерации, кои и инаку болеста ја поминуваат полесно. Оттаму, очекувам пораст на инфекции, но преполнување на болниците не треба да се очекува – вели тој.
Неговиот став околу вакцинацијата на децата, која и кај нас започнува од понеделник е дека епидемиолошки е оправдано да се вакцинираат и тие, пред се поради фактот дека ако вирусот остане да кружи меѓу најмладите, ќе го направи ендемичен. Истовремено, како што посочува, не постојат никакви докази дека вакцината против корона вирусот предизвикува стерилитет, за разлика од тоа дека една од можните сериозните последици по прележан ковид е стерилитет.
– Децата се дел од вкупната популација и вирусот, во своето циркулирање низ неа, не ги поштедува ниту нив. Во колективниот имунитет не може да не се смета и на нив. Со зголемување на процентот на вакцинирани (и имуни, воопшто) граѓани меѓу полнолетните граѓани, вирусот ќе се префрли да циркулира претежно меѓу нив. Се разбира, мора прво да се вакцинираат полнолетните граѓани – особено оние со хронични болести и други фактори на ризик. И не би се согласил со наводите за стерилитет од вакцината, тоа е обична будалаштина. Не постои ниту еден доказ дека било која вакцина предизвикува стерилитет. Но, затоа, пак, постојат докази дека после прележан ковид може да се појави стерилитет – вели професорот.
Истовремено, проф. Даниловски смета дека училиштата треба да ги отворат вратите конечно од 1 Септември.
– Наставата конечно треба да почне „во живо“. Наспроти растечките ризици, тоа мора да се стори, зашто во септември сѐ уште времето е топло и постојано ќе може да се вентилираат училниците, па дури наставата би можела понекогаш да се одржува и на отворено – ова во случај на појава на заразен ученик, на пример. Дали ќе се остане на настава „во живо“ или не, ќе зависи од развојот на епидемиолошката ситуација – вели д-р Даниловски.