Д-р Даниловски: Ширењето на коронавирусот ќе прекине кога дневно ќе се заразуваат под 20 луѓе

За да прекине ширењето на коронавирусот, бројот на заразени дневно треба да се спушти под 20, рече епидемиологот Драган Даниловски во вчерашното гостување на Канал 5.

Тој истакна дека е оптимист околу тоа кога ќе може да се каже дека епидемијата конечно завршила и дека тоа ќе се случи најверојатно на почетокот на јули.

– Светлината на крајот на тунелот станува се посилна затоа што оној таканаречен ефективен репродукциски број се движи околу 0,5. Тоа значи дека од 10 заразени, болни, можат да заразат само петмина. Тоа значи дека неизбежно се случува стивнување, спласнување на епидемиското ширење. Од друга страна, колективниот имунитет сигурно е веќе некаде над 60 отсто, можеби и некаде 65 проценти. Исто така, просечната стапка на позитивни тестови конечно падна под три отсто, и нешто што е многу важно, таканаречената 14-дневна просечна инциденција, значи просечен број нови случаи, вчера е веќе 55 нови случаи на 100.000 жители, тоа е некаде 11,3 отсто помалку од претходниот ден кога имавме 62 – објасни Даниловски.

Бројот на починати опаѓа, иако смртноста е уште висока, додаде тој.

– Бројот на хоспитализации опаѓа, а тоа значи дека се релаксира здравствениот систем. Е сега, ако се појави од некаде индискиот мутант, веројатно ќе се влоши малку состојбата, но дури наесен, но не можеме да очекуваме висок бран, едноставно заради стекнатиот колективен имунитет – рече д-р Даниловски.