Д-р Петличковски: Мали се шансите вакцинирани да се заразат, уште помалу да починат

Вакцините се одлично решение за излез од кризата со коронавирусот и мене навистина не ми е јасно зошто народот не прифаќа да се вакцинира, рече д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологоија.

Тој гостуваше во „Студио 10“ на ТВ 24, каде што истакна дека шансите за вакциниран човек да се разболи се многу мали, а шансите за вакциниран човек да почине од корона се минимални.

– Во земјава досега има 33 проценти комплетно вакцинирани граѓани, а тоа е релативно мал број во споредба со околните земји. Таму каде што има 60 проценти веќе ја прогласуваат епидемијата за завршена. Околу 90 отсто од починатите кај нас во последните неколку месеци се невакцинирани. Не знам кој би бил поубедлив доказ. Доцна ги добивме вакцините, а можеби и не бевме подготвени и со презентација на придобивките од вакцините. Тие се одлично решение за излез од кризата и мене не ми е јасно зошто граѓаните не ги прифаќаат. За релативно кратко време се покажа дека заштитата од вакцината против коронавирусот опаѓа по одреден период кај одредена категорија на лица. Имунитетот трае и по шест месеци, но се намалува кај луѓето со кревко здравје – вели д-р Петличковски.