0.8 C
Skopje
понеделник, ноември 25, 2024

Д-р Ралева за Курир: „Јавна соба“ може да има сериозно влијание врз самопочитта, совети и за ризичните „Тик Ток“ предизвици

Случајот со „Јавна соба“ ја бранува јавноста. Злоупотребата на фотографии, снимки може сериозно да влијае врз жртвите. За тоа како најдобро и најлесно жртвите да се справат со ситуацијата Курир побара стручно мислење и разговараше со проф. д-р Марија Ралева, психијатар за деца и адолесценти.

Со професорката ја отворивме и темата за разните предизвици кои кружат на „Тик Ток“, а кои може да се ризични по животот на децата и младите. Како да се заштитат младите и да се превенираат трагедии, кои веќе се случија во Италија и Србија, советува доктор Ралева.

К:Како ваквата злоупотреба влијае на младите, кој е вашиот совет и препорака до нив? Колку е важно однесувањето на лицата во нивно блиско опкружување и како истите да се постават?

Д-р Ралева: Ваквото сексуално вознемирување во виртуелниот простор е вид на родово засновано насилство и насилство врз деца (кога станува збор за помлади лица), насочено пред сѐ кон жените и младите девојки, чија цел е нарушување на дигнитетот на личноста, нејзино морално оцрнување, повреда на сексуалноста, злоупотреба на приватноста, третирање на женското тело како пазарна вредност. Може да има сериозно влијание врз самопочитта и самовреднувањето при соочување со директните вознемирувачки пораки и понуди, од една страна и обвинувачките реакции на другите учесници во тој процес, како публика и морален судија.

Важна е поддршката од блиските и семејството, уважувањето на нивната личност и вредности и заштита од можните повредувачки влијанија, но важна е и заштитата од државните органи за безбедност кои мораат да имаат ингеренции и во случај на сајбер криминал и повредување на човековите права.

Кога станува збор за малолетни деца, многумина страдаат и од т.нар. сајбер булинг, т.е. насилништво од врсници на социјалните мрежи и трпат сериозно насилство. Неопходно е родителите и старателите да имаат увид и надзор на онлајн активностите на нивните деца, да контролираат што се споделува како порака, слика, да го заштитат нивниот идентитет и да бидат свесни дека сето тоа може да биде злоупотребено во некој момент. Со други зборови да се едуцираат самите во заштита на децата и нив да ги едуцираат во тоа.

К: Во меѓувреме, медиумите известуваат за први смртни случаи во Италија и Србија на деца на возраст од 9 и 11 години кои починале по прифатен предизвик на „ТикТок“. Се работи за предизвик во кој „треба“ лицето да си врзе шал или каиш на вратот и да се стега до фаза на онесвестување.

Д-р Ралева: Овие агресивни пораки на „ТикТок“ добиваат вирусен карактер. Децата ги следат таквите содржини и се обидуваат да ги имитираат и применуваат врз себе. На таков начин, можат да си наштетат себе си. Овие експлицитни видеа, поставувајќи им предизвик, ги наведуваат и им сугерираат на децата како да следат и повторуваат разни бизарни инструкции. Искористувајќи ги карактеристиките и наивноста на детското мислењето, нивната сугестибилност и поводливост, лесно можат да ги наведат на манипулативни игри и постапки кои имаат смртен исход.

Во Италија после трагичната смрт на 10 годишно девојче, веднаш властите, т.е. надлежните институции за заштита на податоци го блокираа ТикТок за корисници „чија возраст не може да се определи“.

К:Со оглед дека возраста за пристап до ваквите социјални мрежи очигледно лесно се манипулира, што ги советувате родителите?

Д-р Ралева: Социјалните мрежи се се уште непозната територија, и за возрасните, а особено за децата. И покрај наводно постоење на некои безбедносни мерки, тие лесно се дезавуираат. Тоа укажува на важноста од родителското следење и надгледување на активностите на децата на социјалните мрежи. Tик Ток има и добри но и негативни влијанија и се е оставено на проценка на корисникот. Но кога се млади и недоволно зрели деца во прашање, кога не можат да ги антиципираат последиците од агресивните постапки било врз себе или другите, возрасните се тие коишто мораат да посредуваат. Ова треба да биде опомена за родителите и нивно проактивно вклучување во профилите на нивните деца, но и за државите дека треба да имаат надзор над можните манипулации.

К: Како да му се пристапи на детето, да му се објасни состојбата за истата да ја разбере сериозно? Дали треба и во кој случај родителите да побараат стручна помош?

Д-р Ралева: Позицијата на возрасните, родителите во семејството значи дека тие се грижат и се одговорни за безбедноста на децата и поради тоа ја имаат моќта и знаењето да воспостават важни домашни правила, вклучително и правилата околу користење на социјалните мрежи и онлајн активности, кога, колку, со кого и сл. Тоа е и начин како заедно со своите деца да се ангажираат во разни забавни и креативни онлајн активности, минувајќи време со нив и посредувајќи и објаснувајќи ги содржините, но исто така пренасочувајќи ги децата од потенцијално опасни и загрозувачки предизвици кон други позитивни активности. Битно е да се ограничи времето на минување на онлајн активности, а за сметка на тоа да се воведат други заеднички дружења меѓу самите деца, и меѓу родителите и децата заедно.
Стручна помош е потребна доколку родителите не можат да се справат со последиците од одредени негативни влијанија врзани за онлајн активноста на децата – вознемиреност, страв, несоници и ноќни стравови, агресивност и самоповредување, но и во случаи на проведување многу време и зависност од овие активности.