Д-р Трајковски: Потребен е локдаун, вирусот е насекаде, не помагаат ни маски

Секое влегување во јавна затворена просторија веќе претставува ризик по здравјето и животот, затоа бараме да нé заштитат со тоа што ќе ги соборат бројките преку итен тотален локдаун, макар краткотраен, вели битолскиот доктор Дејан Трајковски, потенцирајќи дека самите повеќе не можеме да се заштитиме, колку и да сакаме.

„Јасно ми е дека не им е гајле што народот масовно се разболува и умира, само не ми е јасно како не им е страв за нив самите и нивните семејства? Зар немаат ни еден постар во семејството или се толку сигурни дека се недопирливи? Зарем не сфаќаат дека ја преплавија државата со вируси и дека се индиректно одговорни за смртта на 1.400 луѓе?
Со толку раширена циркулација на вирусот, повеќе не помагаат ни маски во затворени простории. Не помага ни одржувањето растојание, концентрацијата на вируси во воздухот е преголема и доволна е за инфекција дури и преку маски. Не е исто дали во просторијата има еден или десет заразени, со десет пати повеќе заразени и концентрацијата на вируси е десет пати поголема. Зар мислат дека сите што се заразиле се заразиле само поради лично невнимание?“, вели Трајковски.