Тој вели дека зголемената влага носи и зголемување на аерозагадувањето, па среќна околност е тоа што оваа година благата зима ги спаси граѓаните од многу поголемо загадување со магла.
-Во Скопје на годишно ниво имаме над 1,300 луѓе кои ја губат битката со аерозагадувањето и умираат, над 400 луѓе во Европа ја губат битката заради зголемо аерозагадување, истакна Зафировски.
Доктор Зафировски вели заради проблемите со здравјето и загадувањето произлегла неговата книга „Здравјето, времето и аерозагадувањето“.
-По СЗО и Европската организација за климатски промени и Американската асоцијација за здравје имаме шест загадувачи, тоа се сулфур диоксид, јаглерод моноксид и диоксид, азотните оксиди, зонот, тешките метали и партикуларните честички ПМ, сите овие заедно, од автомобилите до депониите, до топење на комунален штетен отпад и останато придонесуваат за зголемено аерозагадување, објасни тој.
-Над седум милиони луѓе во светот умираат од аерозагадувањето, тоа предизвикува долгорочни последици затоа што партикуларните честички навлегуваат во крвните садови, брзо се шират во организмот, низ нервниот систем и срцето и доведуваат до развој на канцер на белите дробови, појасни Зафировски.
Докторот вели дека мора да се воведат параметри кои не смеат да се надминуваат, дозволената концентрација на ПМ честички е помалку од 50 микрони на кубен метар, но во Скопје има моменти кога загаденоста надминува десеткратно повеќе и тоа е навистина штетно, затоа граѓаните со хронични заболувања се први на удар.
-Ние попусто зборуваме за Европската унија, кога на Министерството за животна средина му треба години и години за да ги воведе сите стандарди против загадувањето, мора да се намали емисијата на издувните гасови и начините на кои се затоплуваат домаќинствата, затоа што ова е социјален здравствен, економски и еколошки проблем, заврши доктор Зафировски.