Д-р Жан Митрев ја повлече тужбата за медиумски напис

Денес е ден кога Христос се роди. Денес е денот кога се родила надежта дека доброто ќе го надвладее злото. Денес е денот кога се што ни се случило лошо, сакаме да го заборавиме. Денес е денот кога на сите им посакуваме само добро и им простуваме на сите кои ни направиле лошо, вели д-р Жан Митрев, кој реши да ја повлече тужбата кон медиумот, кој, како што вели, изнесувал невистини за него.

„Минатата година ми беше нанесена неправда преку невистини изнесени во јавноста. Како моја реакција на овие обвинувања поднесов тужба за медиумот каде беа изнесени невистини за мене. Не ми беше целта да се расправам ниту да нанесам штета на медиумот, како што мене ми беше нанесена неправда. Целта ми беше да ја покажам вистината. Но судот на јавноста и на Бог е тој што ќе суди за сите неправди. На овој ден, голем христијански празник време е за простување. Затоа и решив да ја повлечам тужбата. Христос се роди. Честит Божик“, вели д-р Митрев,

Истражувањето на ИРЛ за начинот на лекување на ковид пациентите е тема од јавен интерес и новинарите не смеат да бидат замолчени да известуваатм беше одлуката на Граѓанскиот суд Скопје кој кон средината на октомври го одби барањето на д-р Жан Митрев за остранување на документарниот филм „Нечиста крв“ и забрана за натамошно известување на новинарите на ИРЛ се додека неговата тужба за клевета и навреда не добие судска разрешница.

Судот тогаш заклучи дека улогата на медиумите е посебна важна и нивната функција ја истакнува како „куче“ чувар на демократијата. Овој суд застанува на став дека не постои простор за ограничување на слободата на изразување на тужените во својство на новинари.

Клиниката „Жан Митрев“ и доктор Жан Митрев на почетокот од октомври поднесоа тужба за клевета и навреда кон редакцијата на ИРЛ и новинарите автори на истражувањето „Нечиста крв” придружена со предлог за издавање на времена мерка која вклучува бришење на објавите и забрана за дополнително известување додека трае судскиот спор.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинарите на Македонија апелираа судот да не го прифати барањето на доктор Митрев за времена мерка, бидејќи во спротивно ИРЛ директно, но и целата медиумска индустрија посредно ќе бидат изложени на брутална цензура.