Да бидеме хумани: Да им помогнеме на Светлана и нејзиното дете да почнат достоинствен живот! (ВИДЕО)

Светлана Георгиевска потекнува од Одеса, Украина. Има педесет и две години. Пред триесет години се заљубила во својот сопруг, па поради таа љубов, доаѓа тука во нашата земја. Имала многу добар брак – ќе каже низ насмевка, секогаш кога ќе се присети на својот сопруг. Чиниш сè уште е заљубена во него како пред три децении. Единствен недостаток во тој брак е што тој траел прекратко. Нејзиниот сопруг ја остава во една неочекувана голгота, сама да се бори во туѓа земја, заедно со нивниот малолетен син.

– Љубовта меѓу нас беше голема. Имавме големи планови. Ништо не исполнивме. Пред да почине, маж ми беше во Црна Гора. Напорно работеше, печалеше пари за да може да купиме куќа. Но, плановите не ни се исполнија. Тој набрзо почина пред очите на нашиот малолетен син. За него ми е и најмногу жал, која траума било тоа за него. Некогаш во ноќите доаѓаше кај мене и ме слушаше дали дишам. Се плашел кутриот и јас да не заминам, и да го оставам сам-започнува низ солзи да ја раскажува својата приказна оваа напатена жена.

Луѓето си ги покажуваат своите вистински лица кога ќе забележат слабост кај другите. Така, Светлана, само два месеци по смртта на сопругот, заедно со малолетно дете ќе биде исфрлена на улица, во странска земја и без поддршка од најблиските.

– Станот во кој живеевме со сопругот и синот беше на име на девер ми. Тука живееше и свекрва ми. Од прв ден не ме сакаа, зашто потекнувам од друга земја. Во тие најтешки мигови за нас, ми рекоа, мораш да си одиш. Овој стан мораш да го напуштиш. Среќа имав некој денар што ми остави сопругот што работеше и штедевме за куќа, па, излегов под кирија и продолжив да живеам. Но, не беше лесно-се присеќава Светлана.

Денес, тешко живеат семејства во кои се вработени сите членови. Ова семејство од мајка и син, единствена егзистенција вади од подрумскиот простор кој го зеле под кирија, и во кој Светлана професионално шие облека последниве години. За жал, тој подрумски простор е и местото во кое после завршување на службениот дел, започнува нивниот приватен живот, зашто тие немаат пари да изнајмат стан во кој ќе живеат како луѓе.

– Имам онколошки проблеми, имав операција, но повторно докторите велат дека не ми е добра ситуацијата… Ако се разболам, ќе останам без денар, ќе завршиме покрај контејнери. Ми доаѓаат секакви мисли и оние најцрните, да не се мачам повеќе, само тоа што го имам син ми ме одржува во живот. Не се смеам воопшто, сум заборавила како изгледа тоа – вели Светлана низ солзи пред камерите на емисијата ,,Срце на Дланка” на Алфа ТВ.

Сите кои сакаат да му помогнат на ова семејство, тоа можат да го направат на телефонскиот број 070 587 727 или на жиро-сметката 200002542315187 Стопанска банка, Светлана Георгиевска.

Напомена: Доколку жиро сметката ја гледате од видеото, една бројка во оваа емисија е погрешена и не ја земајте во предвид таа жиро сметка, туку оваа од текстот погоре.