Да функционираа институциите во државата, тогаш Ковачевски немаше да биде премиер бидејќи е трајно неспособен, смета Ковачки

Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во гостување во утринската емисија „Еспресо со Златев и Боцевски“ на Радио Лидер вели дека наместо премиерот Димитар Ковачевски да се јави на отслужување на воен рок во време кога било најпотребно за државата, истиот нашол оправдување и самиот себе се декларирал како трајно неспособен.

Човекот наместо да се јави на отслужување на воениот рок, како што тоа го направија сите негови сограѓани кои се јавуваа во Армијата на Република Македонија, тој нашол некое оправдување, рече Ковачки .

За обвинувањата од страна на СДСМ дека е воен дезертер откако го откри скандалот со Ковачевски, Ковачки истакна дека власта и СДСМ со тоа сакаат да ја дефокусираат јавноста и да избегнат одговор, укажувајќи дека доколку треба утре да се брани државата тој ќе биде првиот кој што ќе ја облечи униформата.

Во делот на дезертерството, доколку утре има потреба да се облече униформата и да се брани државата, јас прв ќе ја облечам униформата и тука да нема дилема, кажа Ковачки и додаде дека очекува извинување, во спротивно ќе поднесе тужба а средствата од добиената пресуда ќе ги донира за децата на загинатите бранители.

Најавив тужба денеска истекнува времето за извинување, бидејќи да ме наречете мене дезертер не соодветствува со реалноста. Доколку тоа не го направат ќе следи тужба, а парите од пресудата ќе ги донирам за децата на загинатите бранители.

Ковачки смета доколку државата и институциите функционираа тогаш требало веднаш да се истражи како може Ковачевски кој што е трајно неспособен да ја раководи функцијата премиер.

-Ако сте сериозна институција веднаш требаше да се истражи како е можно тој човек да биде премиер на државата. Значи човек кој што е трајно неспособен да стане премиер и да биде претпоставен, на некој начин тој е претпоставен на министерката за одбрана. Од друга страна тоа што потврдија дека постои документот е потврда дека тоа што го говориме ние е вистина и дека навистина јавноста треба да знае зошто премиерот Ковачевски лажел, или пак е навистина трајно неспособен, изјави тој.

Нас не водат најнеспособните во моментот, значи трајно неспособен и човек кој што ја лажел македонската јавност. И затоа мора да има оставка, затоа што тој не е достоен да ја води Република Македонија. Една работа е да си нелегитимен како тој што не бил на избори, а друга работа е да сте трајно неспособен прогласен од комисија, порача Ковачки.