-Секогаш кога има криза, а во моментов се неколку истовремено, по правило постои голема неизвесност за иднината, а тоа многу го отежнува работењето на фирмите.
За да му се помогне на приватниот бизнис-сектор и за да можат фирмите подобро да ги планираат своите активности за излез и за спас од кризата, треба да се обезбеди колку што е можно поголема предвидливост на условите за работење, вели м-р Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија (СКМ).
Имајќи го предвид сето ова, како и важната улога на даночната политика, СКМ укажува на потребата, во наредниот период од две-три години да не се менува даночната политика, да не се зголемуваат даночните стапки и да не се менува начинот на оданочување; навремено да се врши враќањето на данокот на додадена вредност и навремено да се сервисираат обврските на јавниот спрема приватниот сектор.
„Притоа, ако државата има потреба од повеќе пари во својот буџет, нив треба да ги обезбеди преку намалување на сивата економија. Значи, да се наплаќа од оние кои избегнуваат да ѝ платат на државата, а не да се зголемуваат даноците за оние кои редовно си ги извршуваат финансиските обврски спрема неа“, вели Јовановски.
Додава дека е потребно законите кои се од особена важност за деловното работење секогаш, без исклучок, да се носат во рамките на еден транспарентен и инклузивен процес. Тоа значи дека мора да престане носењето важни економски закони без консултација со бизнисот, затоа што така се пропушта шансата да се изберат најдобрите законски решенија, со кои најмногу ќе се придонесе за развој на македонската економија.
Врз основа на дефинираната група прашања за кои компаниите бараат решение, а кои беа детектирани преку повеќе активности, и врз основа на направени анализи и на предлозите на бизнисот, формулирани и структурирани во предлог-мерки на начин кој ќе биде лесно применлив и ќе значи ублажување на последиците за компаниите, во насока на одржување на ликвидноста и на конкурентноста на домашното стопанство, СКМ предлага:
-Во наредните две-три години да не се менува даночната политика (стапки на данок на добивка, данок на личен доход и ДДВ), навремено да се враќа ДДВ и навремено да се сервисираат обврските на јавниот спрема приватниот сектор, за да не се создаваат дополнителни оптоварувања во работењето на компаниите и за да се обезбеди повисок степен на сигурност за бизнисот.
Бизнис-секторот предлага потребата од обезбедување приходи во буџетот да се надомести со намалување на сивата економија и со одредени јавни давачки, кои нема директно да се одразат врз зголемувањето на трошоците на фирмите, односно нема значајно индиректно да влијаат врз нивните трошоци преку натамошно зголемување на цените.
-Да престане носењето закони без консултација со бизнисот, а законите кои се од особена важност за деловното работење, без исклучок, да се носат во рамките на транспарентен и инклузивен процес. Последното е со цел да се избегнат ситуации како на пример со Законот за работните односи, за кој во претходните три месеца двапати беа иницирани измени и дополнувања по скратена постапка во собраниска процедура, без консултација со деловната заедница.