Ирскиот премиер Лео Варадкар изјави во понеделникот дека е „изненаден и разочаран“ од тоа што владата на Велика Британија не се договорила со Европската унија за статусот на ирската граница по нивното разидување.
„Изненаден сум и разочаран, бидејќи се чини дека британската влада не е способна да го почитува она што претходно денеска го заклучи“, изјави за новинарите ирскиот премиер Лео Варадкар и за тој неуспех го обвини помалиот партнер во владата на британската премиерка Терреза Меј, унионистичката партија на Северна Ирска –DUP.
„Важно е да се слуша DUP, но постојат и други партии во Северна Ирска. Разбираме дека на премиерката ѝ е потребно малку повеќе време, таа чесно преговара“, коментираше Варадкар.
Можноста да се постигне договор кој предвидува по Брегзитот во Северна Ирска да се задржат слични правила на оние коишто се на сила во Европската унија ја разгневи унионистичката партија DUP, додека договорот за клучното прашање за ирската граница во Брисел во понеделникот изгледаше блиску.
„Бевме многу јасни. Северна Ирска мора да ја напушти Европската унија под истите услови како и остатокот од Обединетото Кралство. Нема да прифатиме никаква форма на регулаторни неусогласености коишто економски и политички би ја одвојувале Северна Ирска од остатокот на Обединетотo Кралство“, изјави челничката на DUP, Арлен Фостер.
„Економската и уставна целост на Обединетото Кралство не смее да биде компромитирано“, инсистираше северноирската премиерка. DUP ѝ осигурува на конзервативната партија на Тереза Меј кревко мнозинство во британскиот парламент.