Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, кој е избран за нов претседател на српскиот парламент, изјави денеска дека ова е „највисоката функција што ја извршувал“ и дека информациите објавени од некои медиуми дека тој самиот се „жртвувал“ не се точни, за некои други членови на СПС би добиле позиции.
Дачиќ за РТС изјави дека му должи благодарност на претседателот на Србија и Српската напредна партија, Александар Вучиќ, што го предложија за толку висока позиција.
„Овие денови видов различни видови на информации и дезинформации. Вучиќ сметаше дека можам да придонесам најмногу во сегашниот момент и парламентот да продолжи да го прави она што од него се очекува“, рече Дачиќ.
Дачиќ рече дека не дошол на таа позиција за да биде „протоколарен претседател на парламентот“ и дека тоа е „друга функција во државата“ затоа што Собранието на Србија „избира Влада и ја контролира Владата“.
„Задачата е да го заштитиме угледот на парламентот, да се организираме да работиме на најдобар начин“, рече Дачиќ, додавајќи дека работата на собранието ќе зависи „од тоа како ќе се однесува пратеникот“ и од него како претседател на парламентот.