Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ ги предупреди граѓаните на Србија да избегнуваат патување во Турција во наредните недели, особено во главниот град Анкара, поради можни терористички напади, јави дописникот на МИА од Белград.
-Сакам да ги предупредам граѓаните дека во следните неколку недели, според информациите од безбедносните служби, може да се очекуваат терористички напади, а во овој случај оваа информација се однесува на главниот град на Турција, Анкара, рече Дачиќ.
Тој додаде дека треба да се има предвид дека тоа може да важи и за другите делови на Турција и побара од граѓаните на Србија да избегнуваат патување во таа земја доколку немаат итна потреба во наредните недели.
-Ако нашите граѓани се веќе таму, треба да избегнуваат места со многу луѓе на јавен простор, како што се пешачки зони, метро, автобуски и железнички станици и други слични места. Ова го кажувам исклучиво од безбедносни причини, бидејќи имаме обврска, како што прават и другите земји, да ги предупредиме нашите граѓани да не се случи да дојде до терористички напад, а ние тоа да не го споделивме со граѓаните, рече Дачиќ и додаде дека Србија и Турција имаат добри односи, дека ја развиваат соработката на сите нивоа.
-Меѓутоа, иако Турција ни е пријателска земја, морам да ги споделам со граѓаните информациите што ги добивме од безбедносните служби. Така, советот и препораката е да избегнуваат патување во Анкара во следните неколку недели и доколку патуваат во некои други градови или мора да бидат таму, граѓаните треба да избегнуваат места каде што се можни терористички напади, истакна Дачиќ.