Дачиќ: Приштина попрво ќе отвори амбасада на Месечината отколку во Белград!

„По повод бруталната лага објавена на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Косово, кое под насловот „амбасади“ (https://ambasadat.net/en) ја споменува и Република Србија, морам да истакнам дека Приштина нема, не може да има, ниту ќе има некогаш свое дипломатско претставништво во Белград, без разлика како тие се обидуваат ова да го претстават пред својата јавност, реагираше денес шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ во соопштенеито проследено да медиумите.

Во него, како што јави дописникот на МИА од Белград, се наведува дека во Белград се акредитирани 72 странски дипломатско-конзуларни претставништва на ниво на амбасади, кои претставуваат суверени и независни држави, што „самопрогласено Косово не е, ниту ќе биде некогаш„.

-За време на техничкиот дијалог, кој трае од 2008 година, Белград и Приштина се договорија за распоредување на офицери за врска, кои се физички лоцирани во просториите на делегациите на ЕУ во Белград, односно Приштина. Офицерите за врски немаат дипломатски статус, ниту претставуваат увертира за отворање амбасади, туку нивна задача е да помогнат во меѓусебната комуникација и да го надгледуваат спроведувањето на постигнатите договори. Никогаш не се станало збор за отворање на било какви амбасади или давање на овластувањата што ги имаат амбасадите, реагираше Дачиќ.

Тој додаде -„и да се надоврзам на овој научно-фантастичен дух од Приштина, сакам да им порачам дека попрво ќе отворат амбасада на Месечината, отколку во Белград!“, се наведува во соопштението на српското МНР.