Дачиќ во Загреб: Не сме си многу драги едни на други, но ред е да живееме во мир

Пораки за мир, дијалог и подобрување на односите меѓу Србија и Хрватска испратија официјални лица од владите на двете земји денеска од Загреб каде Српското народно собрание (СНВ) организира традиционален божиќен прим.

Делегацијата на српската влада ја предводи првиот вицепремиер и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, министерката за европска интеграција Тања Мишчевиќ, министерот за човекови и малцински права и претседателот на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина Томислав Жигманов, како и патријархот на Српската православна црква, Порфириј.

Во обраќањето Дачиќ порача дека неговото доаѓање е силна порака за потребата да се разговара и да се редефинираат актуелните односи помеѓу Белград и Загреб. Не размислуваме исто за многу прашања, рече тој, но мораме да разговараме и да се договориме. Тој ги повтори и зборовите кои ги кажал за време на посетата на актуелниот претседател Зоран Милановиќ во Србија во времето кога беше премиер, а тоа е дека не верува оти Србите и Хрватите си се драги едни на други, но ако веќе мораат да живеат заедно, ред е да живеат во мир.

„Имаме многу заеднички интереси и без разлика во кое време живееме и што било пред неколку векови или 10 години, ние мораме да ги ги разгледаме прашањата поврзани со минатото, но и со иднината. Дури и кога не мислиме исто. Кога Милановиќ беше во посета на Србија во улога на премиер, јас тогаш реков: Кога би не гледал некој што не нè знае, нас – Ивица Дачиќ и Зоран Милановиќ, зарем би можел да каже кој е Хрват, а кој Србин? Обично, Бадник се поминува во друштво на најмилите, а не верувам дека ние сме си најдраги едно на други. НО, ако веќе мораме да живееме заедно, тогаш е ред да живееме во мир“, рекол Дачиќ, пренеусва Индекс.хр.

Од хрватската влада, пак, на настанот присуствуваше премиерот Андреј Пленковиќ, вицепремиерката Ања Шимпрага, министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман и министерот за правда и администрација Иван Маленица.

Пленковиќ исто така порача дека е потребно да се унапредат односите помеѓу Хрватска и Србија, како и дека помирувањето мора да се заснова на факти и вистини.

Меѓутоа, исто така порача и оти Хрватска „била жртва на агресија“ од режимот на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ додавајќи дека ова наследство е „тешко“ и ги оптоварува односите Белград и Загреб.

„Хрватска беше жртва на агресијата на режимот на Милошевиќ и тој факт живее со нас, живее со семејствата на исчезнатите, со војници, ветерани, цивили. Тоа наследство е тешко“, посочи Пленковиќ.

Неговата влада, рече, ќе направи се за да ги најде исчезнатите во војната во 90-тите години, но и да изгради „мостови на солидарноста“.

Еден од домаќините на настанот, претседателот на Независна демократска српска партија во Хрватска, Милорад Пуповац, пак, порача дека главна задача на српските и хрватските политичари е да го замолчат говорот на омраза.