Во престрелката кај манастирот Бањска на северот на Косово, убиени се тројца Срби и еден Албанец, припадник на косовската полиција. Според српските власти, овој инцидент може да има далекусежни последици.
Министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ во утринската програма на ТВ „Прва“ прашува што бара полицијата на Косово на српскиот дел од територијата, со кое право и со кој документ се нашла таму?!
– Зошто не дозволија КФОР да го реши проблемот?! Зборуваат за терористи… Малку ја сменија тезата… На Косово и Метохија беа убиени стотици српски полицајци, а кој ги напаѓаше? Па, терористите кои го урнаа уставниот и правниот поредок на Србија… Меѓународната заедница се молчи и ги остава Србите да бидат застрелани од албанската полиција. Не е тоа косовска полиција, тоа би било кога во неа ќе има Срби – посочува Дачиќ.
Тој наведе и дека доколку КФОР беше там, немаше да има такви проблеми.
– Ова е епилогот или само почеток, којзнае што уште ќе се случи. Ова е континуитетот на постапките на Курти и неговото лудило, што ја испровоцира целата ситуација – вели Дачиќ.
Дачиќ посочува и дека српскиот народ има право да се брани и да ја изрази својата политичка волја и дека ваквата ситуација на Косово е доказ дека Албин Курти сѐ уште ја има поддршката од моќниците.
– Станува збор за сите оние кои ги раскрвавија рацете во агресијата врз нашата земја едноставно продолжуваат со таа политика и поставуваат медиумска и политичка основа да го поддржат режимот на Албин Курти. Српскиот народ има право да се брани, да ја изрази својата политичка волја… – вели Дачиќ.
„Не ја гледам реакцијата на меѓународната заедница“
Тој ги повика и сите Срби да останат смирени и да и веруваат на својата земја, која прави се за да го зачува мирот.
– Го осудуваме убиството на полицаец Албанец, тоа не е во интерес на Србите. Вчера претседателот изнесе податоци дека имало 62 напади од албанската полиција на север. Договорот од Брисел беше толку многу прекршен оваа година. Овде зборуваме за опасности по човечки животи. Косово не е меѓународно признато, тоа е под цивилна управа на УМНИК. Единствена вооружена сила таму може да биде КФОР, а потоа се поставува прашањето чиј е КФОР? Желбата на Курти е да предизвика војна. Претседателот ги повика сите Срби да останат смирени, бидејќи ќе направиме сѐ за да го зачуваме мирот и да спречиме големи провокации. Ескалацијата на таквите конфликти може да доведе до конфликти кои не можат да се запрат – вели Дачиќ.
Тој наведува и дека не слушнал никаква реакција од меѓународната заедница.
– Се сеќавате ли колку наши полицајци беа убиени на Косово и Метохија? Во тоа време, меѓународната заедница не критикуваше за прекумерна употреба на сила, а што е ова сега? Не слушнав реакција… Треба да се смири ситуацијата, ние сме за продолжување на дијалогот, но пред се почитување на она што го потпишавме пред 10 години. А тоа е дека КФОР управува со ситуацијата, дека на територијата на која живеат Србите, Србите ја сочинуваат косовската полиција, тоа е принципот по кој може да се смири ситуацијата – вели шефот на српската дипломатија.
Србија побара и вонредна седница на Советот за безбедност, а Дачиќ предупредува дека може да има потешкотии при неговото свикување.
-Претседателот Вучиќ пред некој ден секогаш ја истакнуваше тежината на ситуацијата на Косово и Метохија. Посочуваше дека само Курти е виновен… Имате ситуација кога непредвидливоста на таквото однесување може да доведе до ескалација која повеќе не може да се запре. Албанија е на чело на Советот за безбедност до крајот на октомври, речиси е сигурно дека би побарале да почне процедурата, па ќе видиме како понатаму ќе се развива ситуацијата – заклучи Дачиќ за ТВ „Прва“.