Дачиќ: Ако Хрватите сакаат дипломатска војна, ќе добијат дипломатска војна

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, рече дека српската политика кон Хрватска во иднина ќе се засновува на реципроцитет.

Тој посочи и дека Белград ќе возврати „со иста мера“ ако официјален Загреб одлучи да го повлече својот амбасадор.

Се надевам дека ќе превладее разумот и дека ќе продолжиме со добрососедската соработка, по патеката што ја поплочија претседателите Колинда Грабар Китаровиќ и Александар Вучиќ. Но ако некој сака дипломатска војна, ќе добие дипломатска војна“, рече Дачиќ во интервју за Информер, кое го пренесе Б92.

Дачиќ потсети дека Хрватите го прогласија за непожелна личност српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, и дека Белград возврати со истата мерка врз принципот на реципроцитет.

Реципрочните мерки се вообичаена практика во дипломатијата. Насекаде се прави тоа. Се разбира, ние не сме задоволни со ова, но сме принудени. Ние само реагираме, одговараме на нивните потези. Ако дојде до нови непријателски чекори од Загреб, ние сме подготвени да реагираме, рече Дачиќ.

Министерот оцени дека реципроцитетот е „мајка на дипломатијата“ и дека исто така прават и американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин.

Зборувајќи за можноста Хрватска да го забави европскиот пат на Србија, Дачиќ рече дека не е сигурно дали Загреб во јуни ќе го блокира отворањето нови преговарачки поглавја со Европската Унија.

Тие и претходно се обидуваа, па или не им успеваше или не траеше долго, рече тој.