Дали Ахмети и Таравари ја поддржуваат интерпелацијата против Љубомир Јовески, прашува албанската опозиција

Интегрално соопштение од Алтернатива, Беса и Демократско движење:

Кога веќе поминаа неколку дена откако ние – албанските опозициски партии – ја депониравме интерпелацијата за работата на јавниот обвинител, Љубомир Јовески во архивата на Собранието на Република Северна.

Македонија, за жал, од другата страна се регистрира само молчење.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, иако согласно Деловникот за работа на Собранието е должен таа да ја стави на дневен ред на првата пленарна седница во рок од 15 дена од доставувањето на интерпелацијата, од него досега има само молк.

Молк, дури и манипулација со јавноста, имаме и од лидерот на ДУИ, г. Али Ахмети. Наместо да се изјасни за нашата интерпелација, бидејќи – на крајот на краиштата – се работи за најмалку 14 животи изгубени во модуларната болница во Тетово, тој продолжува повеќе да се грижи како да го спаси Никола Груевски, како уште еднаш да ја преземе власта, како да изманипулира уште еднаш со темата за консензуален претседател и други вакви празни прашања, но главната тема – дали е за разрешување на Љубомир Јовески или не? – никаде го нема. Тоа остава простор за сомнеж дека тој се плаши од Љубомир Јовески за корупциски предмети кои Обвинителството може да му ги држи во фиока. Друго објаснување немаме.

Меѓутоа, позагрижувачко од молкот на Али Ахмети и ДУИ и молкот на Талат Џафери е молкот на пратениците на Алијансата за Албанците и на нивниот лидер, Арбен Таравари. Не само што не ја потпишаа интерпелацијата, туку пратениците на Алијансата за Албанците го имитираат молкот на ДУИ, така што наместо да се изјаснат дали се со волкот или со јагнето, дали се со 14-те жртви и нивните семејства или се со Љубомир Јовески, Арбен Таравари и пратениците на Алијансата ја играат улогата на глувиот и воопшто не се изјаснуваат, оставајќи простор за сомнеж дека и тие, исто како и експонентите на ДУИ, ги вмешале прстите во „мед“ и затоа сега се плашат од Јовески.

Како и да е, ние – пратениците од АлтернАтивА, Движењето Беса и Демократското движење – ќе продолжиме да бараме поддршка од пратениците за оваа интерпелација, а очекуваме Талат Џафери да смогне сили да се надмине себеси и да ја закаже пленарната седница по оваа точка. Во спротивно, ќе биде најнепожелното разочарување на ова собрание.

Времето на чекање истекува. Али Ахмети, Арбен Таравари и Талат Џафери мора да одговораат дали се за разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовески или не? Без други објаснувања, тие едноставно треба да кажат дали се со Љубомир Јовески или се со 14-те жртви на модуларната болница во Тетово?