Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Македонија речиси кубурат со туристи во туристичките центри, а и официјалните статистички бројки го покажуваат она што навидум се чини, нема туристи. Но, кои се причините за ваквиот крах на туристичката сезона? Дали лошите временски услови, поплавите што го зафатија регионот, цените, немањето стратегија за развоја на туризмот? Факт е и дека навиките на туристите полека се менуваат, а исто така и нивните барања.
Според бугарскиот весник „Стандард“ цените во бугарските туристички центри паѓаат, и тоа во екот на сезоната. Секој петти кревет јужно од Бургас е празен, што е нечуено за крајот на јули. Единствено во Варна се радуваат на наплив од Руси и Романци. Бугрските туристички работници, причина за слабата сезона ја гледаат во лошото време и поплавите, кои избркаа многу од туристите. Од друга страна, има и голем одлив и од западните туристи, кој е необјаснив. Kризата во Украина е дополнителен удар и ги намали резервациите и од Украина и од Русија.
„Имаше откажани резервации поради дождовите во јуни и последните информации објавени особено во романските медиуми, а и во други земји, дека демнее зараза во морето. Поплавите, исто така одбија туристи. И ние, а и колегите, имавме откажани резервации од Романци, Руси, дури и од Бугари,“ вели Десислава Kирјаков од БХРА во Балчик.
Согласно податоците од првите пет месеци, и во Хрватска очекуваат лоша туристичка сезона. Бројот на гости во овој период е намален за 4,1 отсто, а бројот на ноќевања за 4,2 проценти во однос на минатата година. Во мај годинава бројот на ноќевања се намалил за дури 13,2 отсто, а во тој месец во Хрватска престојувале нешто помалку од 998.000 гости, 124.000 домашни и 874.000 странски.Странците главно престојувале во Далмација и на Истра. Најмногу ноќевања оствариле туристите од Австрија и Германија
И според Државниот завод за статистика на Црна Гора, на Будванската ривиера престојуваат помалку туристи од лани.На потегот од Буљарица до Јаз, имало вкупно 44.094 туристи, што е за четири отсто помалку од лани.
„Бројот на домашни туристи изнесува 1.365, додека 42.738 биле странци,“ објави Туристичката организација на Будва.
Туристите во Будва најмногу престојувале во приватно сместување, додека годинава имало за седум отсто помалку туристи во хотелите од лани. Зголемување на бројот на туристи имало во камповите и хостелите, во однос на претходината година, но тие малку влијаеле на вкупниот туристички промет.Иако сместувањето во одморалиштата е меѓу поевтиното, бројот на туристи годинава се намалил за 16 отсто.
За жал, ниту сезоната во Охрид не е сјајна. Градот е полн само за викенди, а празни места за спиење има колку сакаш.Хотелите се полупразни, односно се исполнети само со туристи од Холандија, што е незамарлива бројка бидејќи сме во екот на туристичката сезона. Преовладуваат домашните гости кои остануваат на кратко, најчесто за викенди. Се жалат на цените на плажа, а секако влијание има и времето.Во Охрид, традиционално најголем број на туристи се очекуваат за 2 август, Илинден, па оттука и подобра туристичка сезона следниот месец.
Голем број на откажиувања на аранжманите имаше и од страна на Србите во поплавените подрачја. Српските туристички агенции им излегоа во пресрет и им ги вратија парите на оние кои имаа уплатено аранжмани.
Од туристичката статистика на Балканот отскокнува Грција каде што бројот на странски посетители на Грција во периодот јануари-мај годинава е зголемен за 17 отсто, надминувајќи три и пол милиони туристи.Приходите од туризмот се зголемени за 10,6 отсто во споредба со истиот период лани. Најголем раст во процентот има кај туристите од Русија, дури за 39 отсто, како и од САД за 33,4 отсто.
„Годинава ќе биде уште една рекордна година за грчкиот туризам,“ соопшти шефот на Грчката организација за туризам (ЕОТ), Панос Ливадас.
Според Ливадас, се зголемил и интересот на странците за грчкиот туризам.Грција годинава очекува рекордни 21,1 милион туристи, вклучувајќи ги и оние кои во земјата ќе стигнат на крузери од каде што се очекуваат 2,2 милиони туристи.