Македонскиот фудбалски репрезентативец Ељиф Елмас би можел да настапи за Македонија во полуфиналето од баражот за Свесткото првентво во Катар во 2022 година, откако беше обелоденето дека е покрената иницијатива за бришење на картоните со завршницата на квалификациските групи за пласман на мундијалот.
Како што е веќе познато, македонскиот ас со жолтиот картон на последниот меч со Исланд активираше суспензија од еден натпревар, што би значело дека тој ќе го пропушти полуфиналето од баражот.
Спортската мреќа ESPN во прилогот наменет за претстојниот бараж обелодени дека веќе е покрената иницијатива за бришење на картоните од квалификациите, што би значело дека сите фудбалери како Елмас од 12-те селекции учеснички ќе можат да настапат, за репрезентациите во најсилен состав да водат битка за пласман на СП 2022.
Баражот за пласман на мундијалот ќе биде под „капата“ на ФИФА, што е добра вест бидејќи актуелната суспензија е според моментните пропозиции на УЕФА, нешто што светската куќа на фудбалот би можела да го промени.
„Дел од националните асоцијации кои се пласираа во баражот за СП 2022 го посочија проблемот. Ова е натпреварување на ФИФА и оваа институција одлучува за правилата. УЕФА собра мислење од дванаесетте федерации на учесниците во плеј-офот, по што ќе го проследи до ФИФА“, пренесува ESPN.
Покрај Елмас, од исти причини поради суспензија полуфиналето треба да го пропушти и Костадинов, па јасно е зошто селекторот Милевски и целокупната македонска спортска јавност со нетрпение ќе очекува дали ФИФА ќе ги „избрише“ картоните и ќе даде зелено светло за нашата репрезентација комплетна да влезе во историскиот меч.