Дали е неизбежна тотална војна меѓу Израел и Хезболах?

Немилосрдната размена на оган меѓу Израел и либанскиот Хезболах последните денови ги поттикна стравувањата дека долгогодишните непријатели незапирливо се движат кон сеопфатна војна, и покрај меѓународните повици за воздржаност.

Дописниците на AFP во Ерусалим и Бејрут разговараа со официјални лица и аналитичари за зголемените напади од спротивставените страни и можните начини за излез од ситуацијата.

Израел

Израелските власти инсистираат на тоа дека немаат друг избор освен да му одговорат на Хезболах откако речиси секојдневната ракетна стрелба ги испразни населбите во близина на границата со Либан.

„Потезите на Хезболах го претворија јужен Либан во бојно поле“, изјави воен претставник на брифингот во понеделникот.

Целите на најновата операција на Израел се да се „намали“ заканата од Хезболах, да се истиснат борците на шиитското движење од границата и да се уништи инфраструктурата изградена од елитната единица Радуан, рекол функционер кој сакалда остане анонимен.

Израелскиот политички аналитичар Мајкл Хоровиц вели дека премиерот Бенјамин Нетанјаху сака да изврши притисок врз Хезболах да ги прекине своите прекугранични напади дури и без договор за прекин на огнот во Газа, што беше предуслов за проиранската милитантна групација.

„Мислам дека стратегијата на Израел е јасна: Израел сака постепено да врши притисок врз Хезболах и да напаѓа сѐ посилно и посилно, за да го принуди да ја преиспита својата стратегија за усогласување во однос на Газа“, вели Хоровиц.

Двете страни ги разбираат ризиците од сеопфатна војна, што значи дека тоа не е невозможно, посочува Хоровиц.

Израел и Хезболах водеа војна 34 дена во летото 2006 година. Во Либан загинаа повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили, а околу 160 Израелци, главно војници, но во Израел тој судир беше доживеан како пораз и предизвика силно потреси во политичките кругови и оставки.

„Ова е исклучително опасна ситуација, но мислам дека сѐ уште има простор за дипломатија да го избегне најлошото“, оценува Хоровиц.

Пензионираната полковничка Мири Ејсен, виш соработник на израелскиот меѓународен антитерористички институт на Универзитетот Рајхман, вели дека водството на Израел ги гледа засилените воени операции против Хезболах како клучен чекор кон постигнување каков било договор за деескалација на конфликтот.

„Јазикот што го зборуваат (Хезболах) е јазик на насилство и моќ, а тоа значи дека акциите против нив се многу важни“, рече таа. „Посакувам да беше поинаку. Но, не сум видел друг јазик што функционира“, додава таа.

Израелските власти велат дека засега се фокусирани на воздушните операции, но Ајзен рече дека може да се нареди копнеен упад за да се постигне пошироката цел да се осигура дека Хезболах нема да изврши ништо слично како нападот на Хамас на 7 октомври.

„Мислам дека постои можност за копнеен упад бидејќи на крајот мораме да ги туркаме силите на Хезболах подалеку од границата“, рече таа.

Либан

По нападот врз комуникациската опрема на Хезболах и воздушен напад врз штабот на нивните елитни сили Радуан минатата семица, заменик-лидерот на групата, Наим Касим, вели дека битката со Израел влегла во „нова фаза на отворена конфронтација“.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека речиси 500 луѓе биле убиени во понеделникот во најсмртоносниот ден од конфликтот во 2006 година.

Амал Саад, истражувач на либански Хезболах на Универзитетот во Кардиф, верува дека групата, иако чувствува потреба да му возврати на Израел откако претрпе толку многу удари, се обиде да го калибрира својот одговор за да избегне сеопфатна војна.

Иако Хезболах ги засили своите напади врз Израел откако неговиот воен командант Фуад Шукр беше убиен во израелски напад во Бејрут кон крајот на јули, се смета дека неговиот одговор е внимателно калибриран за да се избегне предизвикување на поширок конфликт.

„Тоа, повторно, најверојатно ќе биде некаква реакција под прагот на војната – контролирана ескалација, но која е исто така квалитативно различна“, рече таа.

Прашањето дали војната може да се избегне можеби не е во рацете на Хезболах, смета Саад, но додава дека движењето може да биде зајакната со сеќавањата на последната копнена инвазија на Израел и верувањето дека е воено посилен од неговиот сојузник палестински сунитски Хамас, кој се бори против израелските сили во Газа речиси една година.

„Исклучително е способен и би рекла поефикасен од Израел кога станува збор за копнена војна, подземна офанзива, а тоа го видовме во историјата, особено во 2006 година“, посчива Саад.

Водачот на Хезболах, Хасан Насрала минатата семица изјави дека неговите борци можат да се борат против израелските сили во јужен Либан и истовремено да истрелувааат ракети кон северен Израел во случај на израелска копнена операција.

Меѓународната кризна група во извештајот во понеделникот рече дека ескалацијата меѓу двете страни „претставува сериозни опасности“.

„Можеби се приближува точката каде Хезболах ќе одлучи дека само масовен одговор може да го спречи Израел да започне нови напади“, се вели во извештајот.