Дали е украден механизмот на фонтаните на плоштад Македонија ?!

Посетата на Папата Францискo која се случи на 7ми мај, го привлече светското медиумско внимание. Но, на општо изненадување, фонтаните на плоштадот „Македонија” не беа вклучени за време на посетата на Папата, па ниту тој, ниту светската јавност не можеа да ја видат оваа величествена глетка.

Во исто време, зимата е одамна позади нас, но и покрај тоа не се вклучени сите фонтани на плоштадот во центарот на Скопје.

Како што дознава “Економски Лидер” од извори во Град Скопје, на 5 дена пред посетата на Папата, организаторите сакале да ги вклучат фонтаните, но, на нивно изненадување кога отишле на лице место, вработените во Водовод констатирале дека поголем дел од пумпите, светилките и механизацијата под фонтаната на “Александар Велики” се украдени.

Ова не може да биде украдено од било кој. Местото беше покриено со церада, а за пристап во делот на механизацијата на фонтаната треба некој да биде навистина стручен. Не се работи за обични крадци, туку некој кој ја познава техниката – вели нашиот извор.

Освен тоа што крадците треба да бидат стручни, симптоматично е и тоа што се работи за буквално најфрекфентната локација во градот, која е под 24 часовен видео надзор. Истото се случило и со голем дел од околните фонтани, како онаа на другата страна на реката Вардар.

Откако го увиделе срамот кој им се случил, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и директорот на ЈП Водовод (претпријатие надлежно за фонтаните) Душко Весовски, одлучиле фонтаните да не се вклучуваат за време на посетата на Папата, случајот да се крие од јавноста, а да се рапише тендер за одржување на фонтаните со кој практично ќе се плати за нова механизација за истите.

Така, како што дознава Лидер од извори во ЈП „Водовод“, кој во изминатите години без тендер ги одржуваа фонтаните, сега ќе се распишува тендер за одржување кој ќе има огромна вредност од околу 200.000 евра.

Знаејќи како функционираат, нема да ме изненади да го вратат украдениот механизам и за него да наплатат пари , вели изворот на Лидер.

Официјалното тврдење на директорот на водовод, Душко Вестовски, кое минатата недела го соопшти Телевизија Сител е дека фонтаните не се пуштиле затоа што се најавувало невреме. Но, и тој најавува дека приватна компанија ќе ги одржува истите, иако, потсетуваме, одржувањето на фонтани веќе подолго време е надлежност на Ј.П. Водовод.

И на бројните туристи, се уште не им е јасно зошто не се вклучени фонтаните.