Оваа колумна ја посветувам на децата со пoпреченост, за почетокот на учебната година за проблемите на учениците во училиштата, немањето образовни асистенти неможност децата со попреченост да ја започнат учебната година. Оправдана реакција на родителите. Зошто министерката за образование и наука Весна Јаневска, вината ја гледа во менаџментот/директорите на ресурсните основни училишта и обратно. Кој е виновен? Тоа не ги интересира родителите/старателите. Подготовките како што велат родителите/старателите се прават при самиот упис на учениците (мај месец) и треба да се врши целосно следење. А, дали тоа се прави и дали се следат работите, е прашање кои треба да одговорат во МОН, одговорните, посебно новоназначениот државен секретар Елена Ивановска, потоа одговорните за основно образование на чело со раководителот на Секторот за основно образование, сега Билјана Казанџиска, односно поранешната државна секретарка на МОН, одговорната на Секторот за средно образование Љуљета Ќерими (Македонка, така се изјаснува по конкурс за тоа работно место, така се чувствува, ама за работното место) и други многубројни вработени државни советници во МОН. Овие, премногу вработени во МОН „нека не гризат нокти“ нека седнат и професионално по систематизација нека работаат во интерес на децата! Затоа се поставени и платени.
Што се укинува во измените на Законот за основно образование за учениците со попреченост?
Измените кои се донесени во Законот за основно образование (во натамошниот текст ЗОО) – (Сл.весник на Република Македонија бр.161/19 и 229/2020), пред пет години, се укинуваат специјалните училишта на учениците со попреченост и им се укинува образовната дејност, а со тоа се направија тотални промашувања.
Имено, Министерството за образование и наука (МОН) со подршка на УНИЦЕФ и Владата на Република Македонија, ја направија оваа измена, каде сите деца/ученици со попреченост без разлика на нивната потешкотија и можности беа вклучени во редовните основни училишта. Тоа се направи без сеопфатни анализи, без никакви подготовки, обуки, адаптација на објектите, нагледните средства и слично.
Ова состојба до денес не е променета.
Накратко што стои во Законот за основно образование за децата со попреченост
Во Законот за основно образование (ЗОО) и неговите начела на основното образование, меѓу другото стои за најдобриот интерес и целосен развој на ученикот… еднаквост, достапност, пристапност и инклузивност… Инклузивното образование се третира како процес кој ги зема во предвид различните индивидуални потреби за развој на учениците, давајќи единствени потреби за развој на учениците, давајќи еднакви можности за остварување на основните човекови права за развој и квалитетно образование. Во овие рамки, инклузивното образование вклучува промени и прилагодување на наставната содржина, пристапот, структурите и стратегиите за учениците со попреченост, со заедничка визија и убедување, дека државата (Македонија) има обврска да обезбеди образование за сите деца.
Па така, (согласно ЗОО) основните училишта менаџментот/директорите формираат училишен инклузивен тим за ученик кој што работи по Индивидуален образовен план (ИОП) или по модифицирана наставна програма (МНП). Инклузивниот тим во училиштата ќе биде составен од седум (7) члена и тоа: Педагог, односно Психолог, односно Социјален работник во училиштето, двајца наставници од редот на вработените, двајца родители односно старатели, специјален едукатор и рехабилитатор и Директор на училиштето. Овој инклузивен тим за ученикот подготвува ИОП и модифициран наставен програм за ученикот со попреченост согласно со неговите индивидуални потенцијали и потреби во рок од 30 дена од денот на започнување на наставата на ученикот во училиштето и ги спроведуваат мерките за подршка во учењето согласно препораките од стручните тела за проценка на дополнителна образовна, здравствена и социјална подршка на деца и младинци (стручни тела за проценка) во рамки на Националното координативно тело за имплементација на конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата за попреченост, при Владата на Република Македонија (Владата). При изработка на ИОП и модифицираната наставна програма, инклузивниот тим за ученикот соработува со останатите наставници и стручни соработници вклучени во образовниот процес на ученикот.
Основното училиште со ресурсен центар, ги користи своите материјални и човечки ресурси и дава соодветна стручна подршка на учениците со попреченост, на наставниот кадар, стручните соработници, родителите односно старателите и инклузивниот тим на други основни училишта. Во овие рамки наставниот кадар од основното училиште со ресурсен центар учествува и во реализација на дел од модифицираната програма за учениците со комплексни потреби за кои е во најдобар интерес да посетуваат дел од наставата во основното училиште со ресурсен центар, а согласно со препораките на стручното тело за проценка, базиран на Меѓународната класификација на функционирањето (МКФ) донесена од Светкста здравствена организација.
За поддршка на учењето за учениците со попреченост, основното училиште обезбедува: образовен асистент, личен асистент, соодветна стручна подршка од центар за подршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија по препорака на стручното тело за проценка и во согласност со индивидуален образовен план или модифицирана програма… Јавниот повик за селекција и избор на образовен/личен асистент, селекцијата и изборот на образовен/личен асистент, како и обуката на образовен/личен асистент, ги спроведува училиштето со ресурсен центар. Селекцијата и изборот на образовен/личен асистент ја врши пет члена комисија од редот на вработените во училиштето со ресурсен центар, која ја формира директорот на училиштето.
Наставата за учениците со попреченост во основните училишта се реализираат според Индивидуален план на наставната програма или модифицирана наставна програма.
При запишувањето на детето со попреченост е должен да достави и мислење/функционален профил од комисијата за проценка на деца и младинци за дополнителна образовна, социјална и здравствена подршка од МКФ.
Согласно Законот за основно образование се врши оценување на квалитетот на воспитно – образовната работа на децата на учениците со попречености, се врши самоевалуација, интегрална евалуација и надворешни мерења на постигањата на учениците, се прилагодуваат со нивните потреби: писмени тестови на Брајово писмо, зголемен формат во електронска верзија, аудио формат и слично, употреба на асистивна технологија, подолго време за тестот, помош за читање на прашањата од тестот, надгледувани паузи и флексибилен наставен план, присуство на образовен асистент и слично.
Што покажува практиката?
Треба да се нагласи дека Македонија е една од ретките земји во светот која применува ваков (НЕ)ФУНКЦИОНАЛЕН модел. За тоа се потребни огромни финансиски средства и ресурси.
Треба да се потенцира, и да ве потсетам мои читатели, дека овој Проектот беше реализиран со помош на УНИЦЕФ. Беа потрошени многу пари, за овие неколку години, нема резултати и се разбира нема никаква ЕВАЛУАЦИЈА (ВРЕДНУВАЊЕ, ОЦЕНУВАЊЕ), и надворешни мерења на постигањата на учениците, согласно Законот за основно образование, нема МОНИТОРИНГ односно нема никакви следења за тоа какви се резултатите и постигањата во учењето на учениците со попречености.
Затоа, има големо незадоволство на наставниците, родителите и стручњаците дефектолози. На ова постојано укажуваат професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација, но нивните сугестии и критики воопшто (не) биле разгледувани од надлежните на МОН. Реакциите продолжуваат.
Во надеж, како што велат и се надеваат дека конечно ќе се освестат МОН и УНИЦЕФ и ќе почне да се реализира вистинското функционално инклузивно образование, како што е секаде во Европа, а посебно во САД. А, тоа значи дека УЧЕНИЦИТЕ СО ЛЕСНИ ПРЕЧКИ ќе одат во редовни училишта, а тие со ПОТЕШКА ПОПРЕЧЕНОСТ во посебни училишта и институции. Како што наведов, така е скоро секаде во Европа и светот.
Што да се направи?
Прво, што треба да се направи е да се донесат измени во Законот за основно образование (ЗОО) и да се врати образовната дејност во посебните училишта.
Второ, да се направи ЕВАЛУАЦИЈА, за досегашните активности и резултати за што се потрошени енормни средства, и за тоа надлежните треба да испитаат.
Трето, да се прашаат и консултираат вистински стручњаци, професионалци и научници кои работат долги години на оваа проблематика.
Само да го потсетам МОН па и УНИЦЕФ, Македонија е земја која можеше да се пофали барем на полето на едукацијата и рехабилитацијата на попречени лица, ама тоа како да сакаат да го упропастат.
Се разбира некои за вакви промашувања, мора да сносат одговорност.
За тоа не’ обврзува Конвенцијата за правата на детето, и други конвенции: СЕ’ ЗА НАЈДОБРИОТ ИНТЕРЕС НА ДЕТЕТО Е ОД ПРИМАРНА ВАЖНОСТ!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес