Осум месеци по завршувањето на Светското ракометно првенство, математиките за пласман на Македонија на олимписките квалификации остануваат исти. Дури и повеќе, шансите се зацврстуваат и патот се чисти затоа што еден по еден се остваруваат условите за квалификацискиот турнир во Чиле, кој беше најверојатното проектирано сценарио.
На Панамериканските игри, победи Бразил, а втора беше Аргентина и тие директно одат во Рио 2016, првиот како домаќин вториот како носител на правото на шампионот на Јужна Америка. Чиле го освои третото место и со тоа се потврди како учесник во квалификациите за Олимписките игри од овој континент.
Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) предвидува квалификациските турнири да се играат на три различни континенти и тоа на трите најуспешни континенти од СП во Катар. Јужна Америка беше трета, зад Европа и Азија, а Чиле како единствен нејзин претставник автоматски го добива правото за организација.
Македонија, пак, според предвидената шема, како последен, шести учесник во квалификациите кој доаѓа од СП во Катар, сместена е во тој, прв квалификациски турнир, заедно со Чиле, со вицешампионот од СП, Полска и вицешампионот на Африка.
Останува да го проследиме првенството на Азија во ноември (14-23), на кое потребна ни е титула на Катар, а потоа ќе го чекаме Европското првенство во Полска и ќе навиваме шампион да стане некоја од репрезентациите кои беа четвртфиналисти на СП во Катар (Франција, Полска, Шпанија, Данска, Хрватска, Германија, Словенија).
Со тоа би се исполниле сите услови за Македонија како деветтопласирана од Мундијалот да добие право на учество во олимписките квалификации, кои ќе се одржат од 7 до 10 април. Ќе остане да го дефинираме вицешампионот на Африка, последниот противник, но тоа ќе го дознаеме исто така во јануари, на првенството во Египет.