Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Работнички ќе биде единствениот носител од македонските клубови во квалификациите за Лига Европа, кои стартуваат на почетокот на идниот месец, но иако на хартија “дебармаалци” се фаворити и треба да добијат полесни противници, во зависност од (не)среќата на ждрепката, тие може да налетаат и на неколку “мини” меѓу неносителите.
Работнички го очекуваат екипи кои треба да бидат лесен залак, особено од Гибралтар, Андора, Сан Марино и сличните земји, но фактот дека српски Чукарички, унгарски Ференцварош, незгодните азербејџанци (Галбала) се неносители и можни противници, “романтичарите” ќе треба да стискаат палци за да добијат противник по мерка и да размислуваат веќе на второто квалификациско коло.
Од друга страна, тетовските Ренова и Шкендија како неносители може да налетаат на големи имиња, како премиерлигашот Вест Хем (доби место според фер-плеј табелата), Розенборг, сплитски Хајдук, белградска Црвена Звезда, кипарски Омонија и Аполон, полски Јагелонија и Сласк…, но и ако имаат среќа многу полесни противници како Вадуц, малтешки Ла Валета и Биркиркара, Торшаун од Фарски острови, Дуделанж од Луксембург…