Искра Хаџи Василева, обвинителот во случајот против д-р Жан Митрев, на последното рочиште презентирајќи ги материјалните докази самата си го поби обвинението. Со читање на листата на пациенти прочита дека болницата им вратила 34.995.700 денари односно 569.000 евра депонирани средства на пациентите на кои не им била извршена хемофилтрација иако тие средства биле депонирани за да се изврши хемофилтрација.
Имено, д-р Жан Митрев е обвинет дека хемофилтрацијата ја применувал со намера и умисла да прибави противправна имотна корист за клиниката, но тогаш е апсурдно да им врати на пациентите 569.000 евра кои тие ги депонирале. Ова го поставува прашањето дали измамник којшто пациентите наводно ги довел во заблуда да му дадат 570.000 евра би им ги вратил парите или со тоа обвинителството всушност докажува дека немало намера, ниту умисла туку нормален процес на здравствени услуги и кој е тој измамник што ги добил парите со заблуда, ама ги враќа?
Дали ова и’ е јасно и на обвинителката, па поради тоа читајќи го списокот на пациенти, на крај по „грешка“ рече дека се вратени вкупно, занемарливи 34.000 денари, но одбраната приговори дека неточно го чита износот и дека во доказот пишува вратени 34 милиони денари на пациентите на кои не им била извршена хемофилтрација, по што таа беше принудена точно да го прочита износот наведен во писмениот доказ.
Обвинението се однесува на измама на пациенти, а главните сведоци во досегашните сведочења кажаа дека им се вратени средства како во случајот со Брезеви, од каде се лечеле 5 члена од семејството, вратени им се над 26.000 евра, самите барале хемофилтрација иако од докторскиот конзилиум биле одбиени. Другиот сведок во овој случај, сестрата ја тужи Клиника Жан Митрев за смртта на својот брат, иако тој починал во друга клиника. А третиот сведок клучно го менува исказот дека се почувствувал измамен и оштетен откако пред сите потенцијални сведоци обвинителката Хаџи Василева јавно им ја чита Наредбата за истрага со што им влијае дека се измамени и оштетени.
На рочиштето и самата обвинителка потврди дека им ја читала групно Наредбата за истрага, во која таа напишала дека се измамени од д-р Жан Митрев и тоа им го чита на сведоците, а потоа им зема исказ. Оваа постапка на обвинителката експертот по кривично право проф. д-р Гордан Калајџиев во изјава дадена за порталот Мкд.мк ја оцени како укажување на монтиран процес посочувајќи дека не е ниту законито, ниту пак професионално да им сугерира на сведоците дека се измамени односно жртви и оштетени, а уште помалку да сугерира што да изјават пред судот.
Тезата на обвинителството треба да произлезе од изјавите на сведоците, а не обратно! Ова укажува на сериозна опасност дека процесот е монтиран. Битно е и тоа дека сведоците односно пациентите, најчесто немале никаков директен контакт со докторот, а тврдат дека лично ги измамил, истакна тогаш Калајџиев.
Дали сето ова упатува на тоа дека сите обвинувања кон Жан Митрев се базирани на лажни информации и организиран заговор?