Денешните активности на истражните органи, при што според изворите на Нетпрес, се вршат претреси на повеќе локации во фирми и домови во Струмица, Скопје и Гостивар при што се одзема и проверува обемна документација, а се доведува во поврзаност со фирми на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој е честопати доведуван во бизнис релации со челнови од семејството на поранешниот премиер Зоран Заев, се чини, ќе резултираат со расветлување на одредени дубиози за коишто пред четири години предупредуваше тогаш опозициската ВРМО-ДПМНЕ.
Имено, на почетокот од март 2020 година портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција реагираше на одредени медиумски написи и сознанија, според кои во периодот додека граѓаните беа препуштени самите на себе во справувањето со пандемијата на коронавирусот, тогаш институциите водени од функционери на тогаш владејачката СДСМ, толерирале сомнителни работења и криумчарења луксузни стоки од страна на блиски соработници на семејството Заеви.
„Сѐ уште јавноста не доби одговори за шверцот на брендирана роба од страна на блиски луѓе до семејството Заеви, и за тоа кој интервенирал и ургирал да се пушти запленетиот камионот во населбата Шуто Оризари кој бил преполн со шверцувана и нецаринета роба. Според нашите информации, камионот кога бил сопрен кој превезувал роба за блискиот соработник на Вице Заев, Крмзов, инаку „Винекс текстил“ немал документи за царина на дел од робата која што ја превезувал. Возачот немал исправни документи за брендираната роба и авто деловите, а лажел дека имал комплетна документација кога бил сопрен од надлежните лица од полицијата“, рече тогаш Арсовски.
Според нашите информации, како што рече пред четири години Арсовски, половина од раководство на Министерството за внатрешни работи се јаувало кај началниците на полициската станица Шуто Оризари и во Чаир, со цел да се интервенира камионот да биде пуштен без никаков прекршок.
„Исто така, според нашите информации иако бил известен и повикан инспектор од секторот за економски криминал, тој истиот не отишол на увид во полициската станица кај што бил паркиран запленетиот камион, бидејќи му било наредено од раководни лица од министерството негови претпоставени да не излегува на увид и да го заташка целиот случај. Затоа истиот не излегол на увид. Ова е класичен пример за заташкување на шверц, за кој постои сомнеж дека е вмешано семејството Заеви. Дали секторот за внатрешна контрола ќе отвори случај за тоа кој интервенирал да се ослободи запленетиот камион, да не отиде на увид инспекторот на економскиот криминал што е против сите закони на делување во оваа држава?“, рече Арсовски.
Дали Јавното обвинителство, праша тогаш Арсовски, ќе се одважи да отвори случај за шверцување на брендирана роба за која што веруваме дека не е изолирана и дека не е единствен туку е добро разработена шема изминативе три години каде што сомнежите постојат дека директно потекнува од семејството на Зоран Заев?
„Дали конечно една институција во државава ќе проработи како што треба односно по она што го пишува во законите? Очигледно е дека со Република Македонија владее мафија на власт. Додека луѓе ни умираат секојдневно, мафијата единствено шверцува и ги полни своите џебови со пари како никогаш досега“, праша Арсовски пред четири години.