Дали поради пет факти паѓа обвинението за Жан Митрев!?

Откако започна судскиот процес против д-р Жан Митрев, со секое следно рочиште обвинението се’ повеќе стои на стаклени нозе. За обвинението, онака како што е дефинирано за доведување заблуда на пациентите со цел стекнување материјална корист, со развојот на судскиот процес, но и со сведочењата на клучните сведоци како и презентацијата на докази, се добива впечаток како да е неосновано.

Први кои го разнишаа обвинението беа сведочењата на клучните сведоци, врз кои се базира и целиот судски процес, кои иако добија поврат на финансиите, сега бараат парична оштета од Клиника Жан Митрев. Првиот сведок, Мелита Брезева сведочеше дека пет члена од нејзиното семејство биле лекувани од Ковид-19 во Клиника Жан Митрев. Таа ја обвини клиниката и доктор Митрев дека ја измамиле за хемофилтрацијата. Но, она што беше клучно во изјавата на сведокот, а сериозно ги поби обвинувањата е фактот што самиот Никола Брезев барал да му биде направена хемофилтрација, иако докторскиот конзилиум првично кога неговите параметри не биле соодветни, го одбил.

Мелита Брезева во своето сведоштво пред судот вели „стриктно во однос на хемофилтрацијата веќе ви реков дека токму Никола беше оној кој кога одеше во Клиниката Жан Митрев за да превентивно се пријави за лекување за да случајно не му се влоши состојбата повеќе, беше оној кој беше уверен дека хемофилтрацијата ќе му помогне ако дојде до тоа, истото се забележува и од пораките кои ми ги праќаше мене токму тој, вистина веруваше во тоа“.

Од вкупно пет члена од ова семејство коишто се лекувале во болницата, кај двајца е направена хемофилтрација. Сопругот на Брезева, Никола Брезев добил негативен ковид тест по првата хемофилтрација, додека пак зетот за сестра на Никола со една направена хемофилтрација е успешно излечен.

На семејството Брезеви им биле вратени 26.000 евра.

Друг сведок, пак, ја тужи Клиника Жан Митрев со парично побарување за оштета за смртта на нејзиниот брат, кој патем починал откако подолг период се лекувал во друга клиника.

Факт кој наведува дека обвинението за измама за стекнување материјална корист е неосновано е тоа што на пациентите им се вратени сите неискористени парични средства и тоа во вкупна вредност од 34 милиони денари. Во презентирањето на доказите обвинителката прикажа неточни податоци, велејќи дека станува збор за занемарливи 34.000 денари, фрлајќи сомнеж врз веродостојноста на доказите на коишто упорно се потпира обвинителството во овој судски процес и вистинските намери за судскиот прогон против доктор Жан Митрев и Клиника Жан Митрев.

Дополнително, на едно од рочиштата обвинителката потврди дека групно им ја читала Наредбата за истрага на лицата сведоци. Во Наредбата самата напишала дека тие се измамени од д-р Митрев, наведувајќи ги сведоците во своите искази да го повторат истото. Така еден од сведоците клучно го менува исказот дека се почувствувал измамен и оштетен откако пред сите потенцијални сведоци обвинителката Хаџи Василева јавно им ја чита Наредбата за истрага со што им влијае дека се измамени и оштетени.

Оваа постапка е надвор од сите законски и професионални норми на обвинителката која истражниот процес треба да го води по претходно дадените искази и доказни материјали, а не обратно, посочувајќи им на сведоците што да изјават. Дека читањето на искази кои имплицираат менување на исказите на сведоците прес судот е противзаконска постапка, потврдува и експертот по кривично право проф. д-р Гордан Калајџиев кој вели:

„Тезата на обвинителството треба да произлезе од изјавите на сведоците, а не обратно! Ова укажува на сериозна опасност дека процесот е монтиран. Битно е и тоа дека сведоците односно пациентите, најчесто немале никаков директен контакт со докторот, а тврдат дека лично ги измамил”.

Последниот факт што најсериозно го разниша обвинението е тоа што обвинителството на последното рочиште презентираше дел од материјалните докази каде наспроти обидите да прикаже дека станува збор за сторена измама со доведување на пациентите во заблуда, дека биле заведени дека хемофилтрацијата е лек против Ковид 19.

Во презентираните докази се гледа дека д-р Митрев јасно кажува дека хемофилтрацијата не може секому да помогне. Во презентираниот доказ, емисија „Само вистина“ на Канал 5, доктор Митрев јасно кажува дека хемофилтрацијата не може секому да помогне:

„Јас не велам дека секој пациент ќе го ставиме на филтер и тоа е волшебно стапче, меѓутоа кај огромен број тоа е единствената шанса да им се помогне.“

Досегашните искази на сведоците, пропустите од страна на обвинителството и судот, како и одбивањето на обвинителката да ги чита доказните материјали, отвораат многу прашања во јавноста што навистина се крие позади овој процес. Постојат ли вистински докази за сторено кривично дело измама или станува збор за целосно монтиран процес против Клиника Жан Митрев и кардиохирургот Жан Митрев?