Ако биде прифатен предлог-законот на Министерството за здравје, луѓето пониски од 150 сентиметри во Русија наскоро нема да можат да добијат дозвола за управување камиони, автобуси, тролејбуси и трамваи.
Според руското Министерство за здравство, ваквото ограничување ќе ја зголеми сигурноста и ќе го намали бројот на сообраќајни несреќи, пишува RTS.
Сепак, веднаш се појавија противници на овој закон, како на пример адвокатот со долгогодишно искуство во Министерството за внатрешни работи, Евгениј Черноушов кој е скептичен околу контролата при спроведувањето на забраната.
“Не е јасно како сообраќајната полиција ќе го утврди прекршокот. Дали ќе се шетаат со метро за мерење?”, запрашал Черноушов.
Според него, предлог-законот пред се е насочен кон жените возачи на тролејбуси, кои “очигледно на некого му сметаат”. Тој исто така појаснува дека нема статистика која укажува дека луѓето кои се пониски од 150 сентиметри се лоши возачи или дека учествуваат во сообраќајни несреќи почесто од високите луѓе.
“Ако одредена особа е потполно здрава, тогаш каква улога игра висината во управувањето со моторно возило? Тоа е дискриминација”, смета претседателот на Здружението за правна заштита, Виктор Травин кој потсетува дека произведувачите на возила вградуваат прилагодливи седишта и дека не постои проблем поради кој ниските луѓе не би смееле да управуваат со трамвај или тролејбус.