Како е можно полиција да врати притвореник од суд дома додека се подготвува наредба за активен притвор, за следниот ден да го бара за носење во притвор, а притвореникот веќе е избеган? Оливер Спасовски не одговори каде е лицето Наим Самиу од тетовско Шемшово, синот на познатиот Командант Баци од УЧК, којшто треба да е во притвор, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на денешната прес-конференција.
– Лице во домашен притвор за две дела, со решение за затворски притвор за трето дело, едноставно – си оди, бега и го нема! Едно од прашањата во јавноста е дали Оливер Спасовски возвраќа услуга на Командантот Баци од УЧК, со тоа што синот не завршува во Шутка? Дали е ова продолжеток на соработката со Командант Баци од времето кога СДС беше опозиција а Спасовски генерален секретар на партијата? Наим Самиу бил во куќен притвор заради дрога, како и со мерка заради семејно насилство, кога на 13-ти месецов повторно е пријавен за семејно насилство. На 15-ти месецов полиција го спроведува до суд за трето кривично дело. Истиот ден се готви решение за активен притвор, наместо куќен притвор. Полицијата, сепак, го враќа дома, а веќе следното утро, на 16-ти полицијата не го наоѓа дома за да го спроведе во истражен затвор. Срамно, недостоинствено и целосно понижување на полицијата! Зошто е враќан дома и оставен без обезбедување? Зарем немало проценка дека ќе избега? Или и тоа е дел од операцијата! Почитувани, граѓаните ќе ја испорачаат сметката на следните избори – рече Стоилковски.