Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при објавувањето на вчерашниот проглас изјави дека државата мора суверено да ги носи одлуките и потенцираше дека “некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата“.
-Тоа мора да запре, остануваме отворени за комуникација со сите амбасадори и претставници на други држави, но некои амбасадори кои почнаа премногу да се мешаат во нашата внатрешна политика. Мора да престанат да го прават тоа, рече Груевски и нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ во иднина нема да прифаќа нестандардни или хибридни решенија во било кој сектор доколку истите ги нема во другите земји членки на ЕУ.
Мешањето на странските амбасадори не е нешто ново кога Македонија е во прашање, смета експертската јавност. Сегашни и поранешни амбасадори на САД, ЕУ, но и други држави, изминативе години директно се вмешуваа во македонската внатрешна политика, но и вршеа притисок не само врз законодавната власт, туку и врз извршната и судската власт.
Политичкиот аналитичар Александар Пандов смета дека листата на работи кои странците ги имаат направено во Македонија е многу долга.
-Ние имаме многу лошо искуство и во минатото, во цели 25 години мината историја која ја има независна Македонија, но тоа изразено го видовме во последните 2 ипол години. Беа толерирани највандалско и најхулиганско однесување на луѓе кои беа предводени од политичката партија СДСМ и платени од соросовите граѓански и невладини организации, вели Пандов.
На сето тоа, нагласува политичкиот аналитичар, меѓународниот фактор и странските амбасадори воопшто немаа никаков збор да кажат, а сега откако некој се обидува на нелагален начин да ја украде волјата на граѓаните, тие наоѓаат забелешки на реториката, не на однесувањето, туку на реториката на одредени луѓе кои се обраќаа.
-Дополнително би сакал да потенцирам, еве да речеме господинот Бејли, па он нели е во можност да ги слушне јасно и да ги препознае политиките кои сега новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги прокламира, а тоа е дека американската држава и дипломатија немаат намера да се мешаат во бутање на странски влади и во работењето на странски држави, туку дека единствената причина поради која постојат тие странски амбасадори, е за да ги подобрат меѓудржавните односи помеѓу САД и во даденава ситуација- Македонија. На сите тие пари со кои располага американскиот амбасадор преку соросовата фондација, секако дека и он има влијание во нејзе, не гледам дека работат на развивање на пријателски односи, напротив гледам дека и тој и фондациите кои се под негова контрола, работат се за правење на лоши односи меѓу двете држави, дури слободно можам да кажам дека е и еден од главните чинители на оној изборен инженериг кој се случуваше, пред, за време и постизборно во Македонија, вели Пандов.