Дали судијката Алексовска ја финансирала СДСМ, или СДСМ неа ја подмитувал со кирија?

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги прашува опозициската СДСМ и судијката Даниела Алексовска Стојановска од Кривичниот суд, кој кого финансирал со партискиот штаб во семејната куќа на судијката во Ранковце.

„СДСМ во Струмица ги бираше судиите кои после изборот, наместо по закон, судеа по партиска директива и тоа секој ден, сè повеќе излегува на површина. Блискоста на СДСМ со судиите се гледа и во примерот со судијката Даниела Алексовска Стојановска, која им отстапила дел од својот дом за партиски општински штаб. Се поставува прашањето дали со ваквиот гест, судијката Даниела Алексовска ја финансирала СДСМ, или пак, додека СДСМ бил на власт ја поткупувал, односно ја подмитувал неа со кирија? За ова одговори треба да дадат судијката Даниела Алексовска Стојановска, како и претседателот на СДСМ, Венко Филипче кои треба да кажат како е уреден односот за користење на просторот од страна на СДСМ во куќата на судијката во Ранковце“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Треба да се даде одговор дали СДСМ плаќал кирија за закуп на дел од семејната куќа на судијката и ако плаќал, колку таа изнесувала? Исто така, треба да се одговори дали СДСМ киријата ја плаќал на сметка или на рака, во готово? Или пак, доколку СДСМ не плаќал кирија за изнајмување на просторот, да одговори дали пријавиле донација од страна на судијката, во форма на отстапување на користење на деловен простор без паричен надоместок?“, праша ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е сериозно прашање, се додава во соопштението, кое ја поткопува независноста на судството и ја покажува страната на тесната испреплетеност на судиите со политиката и за тоа што поскоро треба да се изјаснат и да дадат одговори СДСМ и судијката Алексовска Стојановска.

„Од друга страна пак, Судскиот совет веќе треба да почне да работи и да донесе одлука со која ќе ја разреши истоимената судијка, која полнолетен нарко дилер испратила во поправен дом, наместо да го испрати директно во затвор. Аргументите се многубројни и на очиглед на целата македонска јавност и Судскиот совет веќе не може да се прави дека не ги гледа. Која и да било ситуација да е точна од овие поставени дилеми, сериозно ја поткопува работата и независноста и само поради тоа Даниела Алексовска Стојановска повеќе не смее да биде судијка. Народот очекува и веќе одговорност во Македонија мора да има“, бара ВМРО-ДПМНЕ.