Републиканските гласачи во американската сојузна држава Јужна Каролина в сабота ќе го изберат својот претседателски кандидат меѓу Доналд Трамп и поранешната гувернерка Ники Хејли, а убедливата победа за фаворизираниот поранешен претседател може да значи крај на трката.
Трамп досега победи на изборите во Ајова, Њу Хемпшир и Невада, но Хејли вели дека останува во трката „до последното гласање“ бидејќи тааа е убедена дека Трамп не може да го победи демократскиот кандидат, актуелниот претседател Џо Бајден, на изборите во ноември. .
Како потомок на имигранти од Индија, Хејли служеше како гувернер на Јужна Каролина шест години пред да се приклучи на администрацијата на Трамп кој ја именуваше за американски амбасадор во Обединетите нации во 2017 година.
Таа не е непопуларна во нејзината држава, но Трамп е многу попопуларен. Повеќето аналитичари сметаат дека Хејли ќе се збогува со кандидатурата во случај на тежок пораз во родната држава. Просекот на сите анкети покажува дека Трамп има поддршка од 63 отсто од републиканците во Јужна Каролина, додека Хејли има поддршка од само 33 отсто.
Таа веројатно може да смета на поддршката на независните и на демократските гласачи кои можат да учествуваат на прелиминарните избори на Републиканската партија, доколку претходно не учествувале на демократските прелиминарни избори. Тие, очигледно, сепак за разлика од Хејли го гледаат Трамп како супериорен во однос на демократскиот кандидат Бајден.
Само четири отсто од сите регистрирани гласачи во државата учествуваа на официјалните прелиминарни избори на Демократската партија во Јужна Каролина на 3-ти февруари, а Бајден победи.
Пред изборите, кои може да бидат одлучувачки, и двајцата кандидати вербално се нападнаа. Трамп често го навредува својот противник велејќи дека има мозок на птица, а Хејли фрла сомнеж во менталните и физичките способности на Трамп и остро ги критикува неговите изјави за надворешната политика, особено за НАТО и недостигот од поддршка за Украина.
По Јужна Каролина, следните републикански и демократски прелиминарни избори ќе се одржат во вторник во Мичиген, по што следи „супер вторник“ на 5-ти март, кога гласаат 14 држави. Конвенцијата на Републиканската партија за потврдување на претседателскиот кандидат ќе се одржи од 15-ти до 18-ти јули во Милвоки, а Конвенцијата на Демократската партија од 19-ти до 22-ри август во Чикаго.