Дали Законот за солидарност е противуставен?

За актуелниот Предлог на Закон за солидарност што влезе во собраниска процедура се покренаа доста прашања со оглед на неговата специфичност и исправност. Класичното објаснување е дека тој што заработил во услови на криза треба да помогне на државата да излезе од криза. Но, дали навистина законот се предлага со таа цел и дали навистина станува збор за солидарност или класично собирање средства од компаниите што работат успешно? Дилемите се големи, но најголемата дилема е дали овој закон е уставен? Но и дали е во согласност со останатите позитивни законски прописи или поконкретно со Законот за данок на добивка.

Според експертите законот е неуставен од две причини – не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Македонија, кој утврдува дека законите не може да имаат ретроактивно дејство. Но, исто така е спротивен и со член 59 став 2 од Уставот каде правата стекнати врз основа на вложен капитал не може да се намалуваат со закон или друг пропис, односно не може да се загрозува остварувањето на правото на добивка. Според правните експерти, ако се донесе Законот, истиот сигурно ќе падне на Уставен суд.

Ретроактивноста на предложениот Закон се огледа во фактот што во него е одредено дека обврзник на данок за солидарност е обврзник на данокот на добивка кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари. Со оглед дека усвоениот Предлог на Законот е од февруари 2023 и неговото донесување и примена би била во 2023, а предмет на оданочување би била добивката остварена во претходната 2022 година, тоа би значело ретроактивно оданочување. Уставот е дециден дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.

Предложениот закон е во спротивност и со уставната одредба која утврдува дека правата стекнати врз основа на вложениот капитал не може да се намалуваат со закон или друг пропис. Правото на добивка односно правото на дивиденда е едно од правата кои произлегуваат од вложениот капитал, а тие со Предлог на Законот за  данок за солидарност се намалуваат и тоа ретроактивно. Односно, доаѓа до двојно оданочување на добивката која даночниот обврзник ја остварил во 2022 година. Законот за данок на добивка утврдува дека стапката на данок на добивка е 10%. Со предложениот Закон ќе произлезе дека добивката ќе се оданочи дополнително и ретроактивно со нова стапка од 30%.

Спорна е и одредбата од член 5 став 1 од Предлог на Законот за  данок за солидарност, од аспект на еднаквост и рамноправност на правните субјекти како даночни обврзници.

Имено, во наведените одредби е предвиден исклучок од плаќање на данокот на солидарност на субјекти кои имаат обврска за обезбедување на јавна или универзална услуга по цени и тарифи донесени и одобрени од страна на независно регулаторно тело.

Ако се има предвид дека регулаторно тело постои за трговија со енергенси како што се нафтата, гасот, струјата и слично каде има најголеми нагорни ценовни придвижување и со тоа и највисоки приходи и добивки, останува нејасно зошто овие субјекти се исклучуваат од овој вид на данок и дали со тоа се нарушува принципот на еднаквост и рамноправност на субјектите, на кој се повикува Предлог на Законот за данок на солидарност.

Познавачите сметаат дека со предложениот Закон всушност „се казнуваат“ компании кои без разлика на војната и енергетската криза успеале да ги подобрат резултатите од работењето. Компании кои инвестирале во нова опрема, кои успеале да ги намалат трошоците, кои ја зголемиле продуктивноста и кои како резултат на тие напори оствариле поголем резултат без разлика на воените услови. Односно, компании кои на некој начин ги издржаа предизвиците на енергетската криза, плаќајќи цени на енергенсите неколку пати повисоки од претходните години би биле оданочени поради тоа што успешно се справиле со кризата. Не е земено предвид и местото на генерирање на профити на компаниите. Извозно ориентираните компании профитот го генерираат на странски пазари и затоа е неправедно истите за тоа екстра да се  оданочени во државава.

Истовремено, ваква избрзана и еднострана даночна реформа значајно би го нарушила имиџот на државата која сака да се промовира како стабилна дестинација за инвестиции на странски капитал. Освен тоа, би ги довеле во непријатна позиција постоечките инвеститори да ги ревидираат инвестициските планови за следната година.