Дамева поднесе кривична до ОЈО за начинот на кој беше разрешена од претседателка на Судскиот совет

Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, поднесе тужба до Управниот суд за начинот на кој беше разрешена од функцијата, а до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје доставила и кривична пријава.

Со тужбата до Управен таа ја оспорува законитоста на одлуката за нејзино разрешување.

„Имајќи ја предвид мојата заложба за владеење на правото, како и дека секоја незаконитост треба да се испита и утврди во постапка и на начин согласно со закон, поднесов тужба до Управниот суд, со која ја оспорувам законитоста на донесената одлука за мое разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија, која во основа се заснова на фактите кои веќе и се познати на јавноста, а тие се дека одлуката е донесена без постоење законска основа и без да биде спроведена постапка пропишана со закон“, вели Дамева во изјава за државната агенција МИА.

Кривичната до обвинителството, пак, како што вели, ја поднела бидејќи смета дека пречекорувањата на законот кои биле направени со цел да биде разрешена не се само од управен карактер, туку влегуваат и во доменот на кривично правната област. Кривичната е за делото злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353 став 2, а во врска со став 1 од членот 45 од Кривичниот закон).

Дамева во изјавата тврди дека бара правна заштита не заради неа лично, туку заради заштита на угледот на институцијата Судски совет и значењето на претседателската функција.

„Останувам доследна на моето убедување дека правосудниот систем има капацитет да одговори на сите предизвици и да им обезбеди правна заштита на граѓаните и верувам дека надлежните институции ќе бидат на ниво на својата задача, со што во законита постапка ќе се утврди дека самоволие и беззаконие не смее да владее во институциите на државата и дека истото нема да остане заборавено и несанкционирано“, вели Дамева.