ВИДЕО| Данела Арсовска догодина ќе ја кити елката на плоштад уште од септември

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, најави дека Скопје догодина ќе биде накитено во септември. Нејзе ѝ пречи што една од главните теми во медиумите и на социјалните мрежи е елката на плоштадот, која дури и во регионот е прогласена за „несреќна и грда“. Во гостувањето во „Тешки мубаети“ на Инфомакс, таа рече дека треба јавноста да се занимава со крадењето, а не со украсувањето и со елката. Арсовска рече дека за елката се прави хистерија.

Ова е едно од ретките појавувања на Арсовска во медиумите, ако се има во предвид дека не одговара на прашања на градските советници и Градот е затворен за одговори на прашања од граѓаните. Впечатокот е дека Скопје има „царица“, а не градоначалничка.

„Сега китењето чини 30.000 евра, порано чинело 300.000 ерва. Треба да разбереме една работа, ние славиме Божиќ на 7 јануари, секоја година се кити во исто време. Јас еве им ветувам на граѓаните догодина ќе почнеме од септември да китиме. Меѓутоа, во држава во која се се краде, му се цица крвта на народот, тоа не е тема, се товарат со хидроцентрали, и тоа не е тема, туку елката на плоштад. Некој го боли оти утре нема да може да краде. За мене поважно е сите овие ранливи категории на кои им овозможуваме цела година да имаат топол оброк, да има каде да преспијат, купивме две возила кои со години не биле купени со кои се транспортираат лица со физички попречености“, вели Арсовска.

Таа се пофали дека има седум елки на плоштадот, а украсувањето ќе се плаќа од градската каса.

Арсовска тврди дека на скопскиот плоштад има поставено седум елки и го обвини својот претходник Петре Шилегов дека трошел по 300.000 евра за новогодишно украсување, реагирајќи на коментарите кои поранешниот градоначалник Петре Шилегов ги посочи за нејзиното работење.