Победник на „Икс фактор Адриа“, Даниел Кајмакоски потпиша договор за издавање на албум со продуцентската куќа „Менарт“.
Претставниците на „Менарт“, регионален застапник на „Сони мјузик ентертејнмент“ (Sony Music Entertainment), будно го следеа целиот тек на престижниот музички натпревар, токму онака како што „Сони мјузик ентертејнмент“ (Sony Music Entertainment) го прави насекаде во светот. Менторите, Емина Јаховиќ, Кристина Ковач, Кики Лесендриќ и Жељко Јоксимовиќ се потрудија нивните кандидати да се претстават во најдобро светло сè до суперфиналето, каде се пласираа само најдобрите пет: Лукијан, Маид, Тамара, Даниел и Доктори. Суперфиналистите жестоко се бореа за вредните награди и престижната титула, нова музичка ѕвезда во регионот.
Во преполната Комбанк Арена триумфираше Даниел Кајмакоски, кој е прогласен за победник на првата сезона на првиот регионален натпревар „Икс Фактор“. На второто место се пласираше Тамара Милановиќ, а Маид Хеќимовиќ беше трет.
Даниел како награда доби снимање на албум од „Менарт“ за регионот, два видео спота, ПР поддршка од продукцијата, автомобил „Мини Купер Купе“ (Mini Cooper Coupe), како и парична награда од „Мастер кард“ (Master Card) во износ од 10.000 евра.
По потпишување на договорот, директорот на хрватската продуцентска куќа „Менарт“, Бранко Комљеновиќ изјави:
„Горди сме на фактот што Менарт, ќе има можност да соработува со победникот на првата сезона на регионалното издание на „Икс Фактор“, Даниел Кајмакоски, кој е фантастичен пејач. Градењето и работата на неговата кариера ќе биде еден од нашите приоритети во периодот кој следува, и тоа во сите држави од регионот каде беше емитуван „Икс Фактор“.
Даниел Кајмакоски не го крие своето одушевување: „Драги пријатели, пресреќен сум што можам да соопштам дека ми се оствари уште еден сон. Потпишав договор со „Менарт“, продуцентската куќа која ќе го издаде мојот прв албум. Очекувајте ја наскоро и мојата прва песна“.