
Кристијан Даниелсон, генерален директор за проширување во Еропската Комисија во интервју за интернет мрежата European Western Balkans изрази загриженост за неодамнешните случувања во Куманово и повика соодветно да се истражат и да не се предизвика меѓуетнички тензии, пренесува МИА.
– Многу сум загрижен за тоа што се случи во Куманово. ЕУ осуди секоја форма на насилство и сакам да им изразам длабоко сочувство на семејствата на лицата кои ги загубија животите. Комесарот Хан веќе ги повика сите инволирани страни и актери да соработуваат во разјаснувањето на тоа што се случи, кој е одговорен и заеднички да работат на тоа прашање. Исто така е важно овој случај соодветно да биде истражен и да не предизвика меѓуетнички тензии, вели Даниелсон.
Даниелсон истовремено посочува да не се оттргнува вниманието од сериозната политичка криза во Македонија.
– Владеачката и опозициската партија треба да се ангажираат во конструктивен политички дијалог, потпомогнати од тројцата членови на Европскиот Парламент. Да се подвлечат системските прашања за владеење на правото, слободата на медиумите, изборите и друго, на што посочи и Европската Комисија во извештајот за напредокот. Мора да има политичка одговорност за да се врати довербата во институциите, вели Даниелсон во интервјуто.
Сите тврдења за можни потенцијални нерегуларности, истакнува тој, треба веднаш независно и транспарентно да се истражат од релевантните институции.